| четврток, 6 декември 2018 |

Заразата од мирбили се враќа во Македонија – има нови случаи

Нов увезен случај на морбили е регистриран во земјава. Дете на едногодишна возраст од Тетовско кое не подлежи на вакцинација со мали сипаници се заразило во Косово, јавува ТВ Сител.

Вирусот и лабораториски е потврден во Институтот за јавно здравје. Епидемиолошките служби веднаш го посетиле семејството. Испитуваат со кого се детето имало контакт и дали неговите блиски роднини примиле МРП вакцина. Надлежните предупредуваат на внимателност поради честите патувања на наши граѓани во Косово и обратно бидејќи епидемијата на морбили во соседната земја забрзано се шири. Досега се регистрирани 350 заболени.

– Постои опасност и затоа мора да бидеме подготвени и уште на старт да бидат превземни сите неопходни мерки за да не дојде до ширење на заболувањето, вели за ТВ Сител д-р Јованка Костовска од министерството за здравство.

Новиот случај со морбили не е поврзан со претходно регистрираните 19 случаи во земјава, од кои последниот беше пред скроро два месеци. Епидемија на почетокот на септември беше прогласена во Гази Баба од каде беа најголем дел од заразените.

-Додека траеше епидемијата во Гази Баба, беа вакцинирани околу 15 000 лица од кои најголем број со прва доза од вакцината. Беа преземени сите неопходни мерки а вакцинирањето се уште трае, вели за ТВ Сител д-р Јованка Костовска

Дополнителните анализи направени во лабораторија во Луксембург покажале дека вирусот во Македонија и на крајот на летото е увезен од Косово бидејќи типот на морбили бил идентичен како кај заразените во Албанија и кај нашиот северен сосед.

Инаку малите сипаници се многу заразни и предизвикуваат сериозни компликации пред се на мозокот, а можат да бидат и фатални.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top