Додека во НУБ се наздравуваше за објавувањето на електронската верзија на Правоисот на македонскиот јазик, дел од авторите на ова капитално дело од национален интерес изразија револт бидејќи не се поканети на промоцијата. Дел од нив велат дека се лути на ваквиот чин, и покрај нивното работење без хонорар тие сепак не биле поканети да присуствуваат на промоцијата. Вината преку социјалните мрежи ја префрлаат на директорката на Институтот за македонски јазик.
Некои медиуми ја пренесуваат реакцијата на еден од авторите на Правописот на македонскиот јазик, д-р Елка Јачева Улчар, која на својот ФБ профил реагира заради игнорантскиот однос на директорката на Институт за македонски јазик, Елена Јовановска-Груевска, која не ги поканила авторите на ова капитално издание за македонскиот литературен јазик на вчерашната промоција на е-изданието.
,,По неиспраќањето покана за промоцијата на е-изданието на Правописот на македонскиот јазик од страна на директорката на Институтот за македонски јазик до авторите, ви пренесувамe дел од реакциите од авторите:
– Се извинувам, но крајно безобразно… Немам други зборови!;
– Не, ова не е само безобразно, ами е крајно одвратно!
– …и прилично срамно! Ама за тие што го познаваат тоа чувство.
– Непочитување на колеги. Што ли уште не ќе дочекаме?!
Мојот коментар е: нека ѝ служи на чест нејзе, на нејзините поддржувачи, на оние владини претставници од Владата на Груевски што ја избраа за директор, на Владата на СДСМ што ја потврди за директор и на сите што ѝ молчат и со тоа го поддржуваат нејзиното однесување.
Радувај се, македонски народе!“ – напиша Елка Јачева-Улчар на својот ФБ профил.
Автори и редакциски одбор на Правописот се: д-р Елка Јачева-Улчар, д-р Симона Груевска-Маџоска, д-р Живко Цветковски, д-р Симон Саздов и д-р Снежана Ванковска -Антевска.
Во подготовка на Правописот на македонскиот јазик учествувале вкупно 48 автори.
За тоа како бил третиран проектот за Правописот на македонски јазик, како „се немало средства“ колку патни трошоци за еден член на ДИК или еден пратеник, па како потоа надлежните ’уважени’ професори не сакале да го истуркаат бидејќи бил започнат од ’другата партија’, за на крајот да се закитат со перјата на другите, објаснува и професорката Симона Груевска – Маџоска.
Нејзиното објаснување го пренесуваме во целост:
САГАТА СО ПРАВОПИСОТ
Иницијативата за проширување и дополнување на Правописот ја поведе проф. д-р Убавка Гајдова, за жал веќе почината, како тогашен претседател на Советот за македонски јазик при Министерството за култура. Советот нè назначи проф. д-р Елка Јачева-Улчар, проф. д-р Симон Саздов и мене да го направиме елаборатот.
Конкуриравме како за најобичен проект на најобичниот годишен Конкурс на Министерството за култура за едногодишен проект. Се состави Редакција во која покрај нас влегоа и проф. д-р Снежана Веновска-Антевска и проф. д-р Живко Цветковски, кој како највозрасен го избравме за претседател.
Со одлука на Влада, Институтот беше назначен за носител на проектот, а Министерството за култура и Министерството за образование и наука да го поддржат. Проектот доби вкупно 350.000 денари само од Министерството за култура, а од МОН само барања за извештаи до каде е работата. На сите вработени професори од Институтот им беше понудено да бидат вклучени во работата. Само 12 од тогаш 25 се вклучија.
Поголемиот дел од другите правеа сопки на секој можен начин за Правописот никогаш да не излезе. Проф. Спасов уште кога се почнуваше работата, излегуваше по медиуми со напади дека ќе се бугаризира Правописот, па дека ќе се србизира, дека ќе заврши во подрум, дека на насловната ќе бил коњот на Александар Македонски итн. Му понудивме и нему да влезе во тимот, и влезе!
Тимот броеше на крајот 48 автори – имаше повеќемина, но патем си одеа, го повлекуваа материјалот во последен момент, пред печатење итн. Голготата наместо да привршува, опасно се засили точно кога требаше Правописот да влезе во печатница. На јавните расправи што ги организиравме пред печатењето на Правописот јавно бевме навредувани и шиканирани од колегите на кои им беше понудено да се вклучат и одбија.
Проф. Спасов постојано бараше измени во дел во кој беше само коавтор, а директорката Јованова-Грујовска, на која професорот ѝ беше ментор, нè уценуваше сите дека ако не биде така како што рекол професорот, нема да се печати Правописот. Тоа траеше можеби 2 месеца. Имаше јавувања во печатницата да не се почнува со печатење, имаше барање од директорката да го чита таа Правописот за да го одобри што е невиден скандал – еден директор да се става над Редакција.
И кога веќе стана неиздржливо, претседателот на Редакцијата ѝ испрати порака на тогашната министерка за култура за тоа што се случува. Министерката ја вика директорката на состанок, и вторава ѝ вели – нема никаков проблем, дојдов да прашам кога сте слободни да правиме промоција!?
Така, директорката си закажа промоција без да нè праша, си викна промотор без да нè праша, си стави цена од 1500 денари без да нè праша, си се сликаа со проф. Спасов по медиуми итн. За помалку од 3 недели пламна изданието. Пари од продажбата имаше да допечати тираж за Саемот за книги – не отпечати (парите останаа во Институтот – авторите не добија ништо од продажбата, а немаа ниту потпишан договор со Институтот).
По 2 месеца, отидовме кај тогашниот ректор на УКИМ да побараме средства за допечатување – тој веднаш се согласи. Нашата директорка не ги зеде. Се обративме до Советот да ни кажат дали планираат второ издание, за да бараме друг издавач. Тие донесоа одлука само дека ќе се печати, но без рок и без никаква друга информација. Цела година усно и писмено се обраќавме, зашто јавноста го бараше Правописот, и не бевме удостоени со одговор.
Во февруари годинава ѝ упативме преку Архива писмо во кое ја известуваме дека поради тоа што ништо не презеде, ќе бараме друг издавач. Не добивме одговор. Најдовме друг издавач – АД Култура, и потпишавме договор. По една недела се појавила во Култура со адвокатка со закана дека ќе тужи. Иако можевме да не се согласиме, зашто веќе имавме потпишан договор, сепак, рековме, ајде, само нека го има.
Така Институтот насила стана соиздавач на второто издание. Во меѓувреме, директорката избрана од претставниците на Советот од Владата на ВМРО, ја потврди за директор Владата на СДСМ, а проф. Спасов го назначи за претседател на Советот за македонски јазик при Министерството за култура. Владата излегува со мерките за афирмација на македонскиот јазик, меѓу кои и за Правописот.
Прво требаше да биде за 8 Септември, па за 11 Октомври, и на крај, минатата недела испадна дека треба да се потпише договорот за електронско објавување. Не беше предвиден никаков хонорар за електронското објавување, иако се работи за авторско дело – само откуп по намалена цена на тиражот што го испечати АД Култура и повторно примероци од Институтот.
Се уфрла НУБ од никаде како институција на чија веб-страница ќе биде закачен Правописот. Си организираат настан, без воопшто да ги поканат авторите и Редакцијата. Дојдов непоканета и му пристапив на министерот за култура, кој стоеше со двајца советници, за да го известам дека авторите не беа поканети. Тој веднаш избега, а едниот советник што ме удостои со разговор, на секоја минута беше прекинуван од другиот советник зашто имаше проблем со твитањето (или сакаше да го извади првиов), бидејќи тоа очигледно беше поважно. Е па со среќа нека е Правописот!!!
МК: Издавањето на бесплатната електронска верзија на Правописот е уредено со договор
Министерството за култура денеска соопшти дека објавувањето на бесплатната електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик е уредено со договор, потпишан меѓу Националната и универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“ и авторите, преку нивниот полономошник и член на редакцијата, професорот д-р Живко Цветковски.
„Имајќи предвид дека коиздавачите на книжното издание, ИК „Култура“, Институтот за македонски јазик и авторите на книжното издание побараа да се откупат 2.500-те примероци („Култура“ 2.000 и 500 Институтот), овој откуп е регулиран во договорот на кој потписници се четири страни: НУБ, Институтот, застапникот и полномошникот на авторите и Издавачката куќа „Култура“, се наведува во соопштението од Министерството за култура.
Со Договорот, како што се наведува, се регулираат следните меѓусебни обврски и права: НУБ од авторите го доби правото за електронско издавање на Правописот и за тоа ќе исплати средства на ИК „Култура“ и на Институтот во висина на бараниот износ за откуп на книжните изданија. Со склучувањето на овој договор авторите му даваат на Издавачот на електронското издание „Правопис на македонски јазик“ исклучиво, неограничено право да го стави на располагање на јавноста делото во електронска форма, за понатамошно некомерцијално користење. Издавачот на електронското издание „Правопис на македонски јазик“ ќе го направи делото достапно во форма во која е доставено, односно со текст, табели, графика, слики и слично, но со технички прилагодувања кои се сметаат за неопходни за објавување на делото на интернет.
На веб страницата www.pravopis.mk, сопственост на издавачот на електронското издание НУБ, јасно се наведени имињата на авторите и коиздавачите и на книжното издание, како и иницијаторите и издавачите на електронското издание.
Во интернет акцијата за промоција на електронското издание на Правописот како јавно добро доброволно учествуваа многу граѓани, претставници на институции, граѓански организации, лингвисти, лектори и други општествено активни индивидуи. Министерството за култура им се заблагодарува на сите вклучени страни кои овозможија овој документ да стане достапен до сите граѓани и со тоа да ја извршува својата основна функција при зачувување и унапредување на македонскиот јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст