| четврток, 6 декември 2018 |

Сакашвили започна штрајк со глад откако повторно беше уапсен во Киев

Украинскиот опозициски политичар и поранешен грузиски претседател, Михаил Сакашвили прогласи штрајк со глад, изјави денеска неговиот адвокат.

Адвокатот, Руслан Чорнолутски, објави писмо од Сакашвили, преку кое тој ги повикува своите приврзаници на 10 декември да излезат на масовни протести во Киев и да побараат импичмент за претседателот Петро Порошенко.

Вчера, портпаролот на Канцеларијата на јавниот обвинител изјави дека обвинителите ќе побараат од судот да го смести Сакашвили во домашен притвор со мерка за електронско следење во очекување на судскиот процес.

Украински официјални лица го обвинија Сакашвили за поткупување на наводна „криминална група“ предводена од поранешниот претседател Виктор Јанукович – кој беше соборен од власт во 2014 година и побегна во Русија – и сугерираат дека неговите протести се дел од рускиот заговор против Украина.

Сакашвили ги отфрли ваквите тврдења.

Опозицискиот политичар беше уапсен во главниот град на Украина на 8 декември, поради што стотици поддржувачи демонстрираа за негово ослободување.

Приврзаниците се собраа на тесната уличка пред полициската станица каде што Сакашвили беше однесен доцна вчера, недалеку од зградата на парламентот, извикувајќи „Срам“ и „Киев, стани!“ додека местото го обезбедуваа голем број на полицајци со опрема за нереди.

Давид Сакварелидзе, близок сојузник на Сакашвили од Грузија ги повика жителите на Киев да излезат на улиците во знак на протест за неговото повторно апсење, за кое го обвини украинскиот претседател Порошенко.

„Денес Порошенко влезе во историјата како диктатор кој на ваков начин ги казнува своите политички противници“, изјави Сакварелидзе.

Колку за потсетување, поранешниот претседател на Грузија, кој во меѓувреме стана опозициски фактор во Украина, вчера беше уапсен само неколку дена откако првиот обид за апсење заврши со негово ослободување со помош на поддржувачите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top