| четврток, 6 декември 2018 |

Забраната за возила на Водно продолжува и викендов

Градските власти потсетуваат дека денеска и за време на викендот граѓаните ќе имаат можност со автобус да се искачат до Средно Водно и да се рекреираат на чист воздух. На располагање им се двете нови пробни автобуски линии 25А и 25Б, како и постојната линија со број 25, кои за време на викендите и државните празници се бесплатни.

Град Скопје почнувајќи од 25 ноември годинава воведе забрана за движење возила на патот до Средно Водно, која важи секој викенд и за време на државните празници. Оваа забрана важи во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.

За да им излезе во пресрет на граѓаните кои сакаат да се рекреираат на Водно, Град Скопје воведе две нови пробни автобуски линии што сообраќаат по принципот на шатл-линии, односно автобусите се полнат со патници на почетната станица и возат без застанување до Средно Водно.

Пробната линија со број 25А сообраќа на релација Автомакедонија (Стара железничка станица) – Средно Водно, по улицата „Свети Кирил и Методиј“, булеварот „Мајка Тереза“ и обратно. Пробната линија со број 25Б сообраќа на релацијата Дом на печат – Средно Водно, по улицата „Свети Кирил и Методиј“, булеварот „Мајка Тереза“ и обратно. Возењето на трите автобуски линии (25, 25А и 25Б) на почетокот ќе биде бесплатно. Град Скопје обезбеди и бесплатно паркирање во катната гаража на улицата „Свети Кирил и Методиј“ и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат).

Градските власти потсетуваат дека од 9 до 16 часот е забрането движењето со возила до Средно Водно и оти непочитувањето на оваа забрана ќе се казнува според Законот за безбедност на патишта на Република Македонија, според кој висината на казната изнесува 45 евра во денарска противвредност.

Забраната за движење моторни возила до Средно Водно нема да се однесува на автобусите на ЈСП „Скопје“, возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, на штабовите за итни интервенции и на возилата со посебни одобренија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top