Го препознаваат во Скопје, зашто, како што самиот вели низ смеа, „јас низ Скопје имам километража колку градски автобус“. Јавноста, сепак, најмногу го препознава како автор на анимираниот сатиричен филм „Еднооки“ и како еден од водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Ангажманот на Дамовски во граѓанската иницијатива произлегува од неговиот избор – изборот за живеење, по години поминати низ светот, да биде Македонија. „Јазикот, земјата и луѓето се дел од мојата личност, карактер, чувства и припадност“, вели Дамовски во интервју објавено во 2013 година.
Ви пренесуваме извадоци од интервjуто со Борис Дамовски, објавено во неделникот „Република“.
Колку Вашето фамилијарно искуство како дете на протерани Македонци од егејскиот дел на Македонија влијае на Вашите ставови и во поглед на името и во поглед на сето тоа што ѝ се случува на Македонија.
Дамовски: Не мислам дека потеклото е клучно во градењето на тие ставови. Која било македонска фамилија каде што се почитувани, славени патриотските вредности и ставови, има исто такво влијание на генерациите што ги воспитува. Единствената предност на тоа потекло е во тоа што од прва рака учиш дека предци од нашите поробени територии го зборувале овој јазик, ја негувале македонската култура со поколенија наназад, а тоа само ме прави малку поинформиран за вистинската историја на македонскиот народ, историја неизбледена со лажниот интернационализам негуван во полувековниот социјалистички период.
Еднаш рековте дека ниту сегашниот премиер ниту кој било друг политичар не влијаел на поголема застапеност на антички идеи во Вашето семејство, туку дека тоа била Вашата баба?
Дамовски: Да, мојата баба Ангелина ни ги раскажуваше легендите за царот Александар додека во училиште нè пумпаа колку умен бил Рекс, волчјакот на Тито. И кому човек да верува? На наставникот, кој среќно се развезува во „стокец“ купен на гага-кредит или на внуката на Петар Дамов Христов – Германчето?
Како ги коментирате сите тие што ја критикуваат таканаречената антиквизација, појава во која покрај комитската и партизанската историја се промовираат и други вредности, карактеристични за античкиот период?
Дамовски: Смешна, неинвентивна, очигледно „надрилана“ да одработи туѓа идеологија. Сето тоа кутро препелкање во себесодомизирање е тажен обид да нè спакуваат во глобализаторската сеедност кон националноста, посебноста. Зад тоа се крие потребата да нè вкалапат со вредности што не му се блиски ниту својствени на Македонецот. Така фино спакувани „индивидуи“ им се потребни како дар на олтарот на новиот светски поредок, но тоа е веќе друга приказна.
Како реагирате на муабетите дека е можно менување на македонскиот идентитет. Има ли, воопшто, опасност да се смени личниот и националниот идентитет на една цела група, која го создавала со децении и со векови, но и на личниот идентитет на низа генерации што се раѓале и умирале како Македонци?
Дамовски: Тоа е тезата, која заговорниците и поддржувачите на нужноста за промена на името на земјата сесрдно ја туркаат. Надвор ќе нè нарекуваат Клингонци, а самите длабоко во себе знаеме кои сме.
Апсурдноста, навредата содржана во таа теза е неприфатлива за кој било здраворазумен поединец. Жонглирањето со фрази, спинувањето со фактите достигна и академска потврда со разноразните Пи-Ар школи, кои ни се нагрнаа на плеќи. Нам ни останува само да одолееме.
Дали кај Вас понекогаш се појавува таква желба – да се одлета засекогаш од овде?
Дамовски: Мојот избор за живеење, по години поминати низ светот, е Македонија. Јазикот, земјата и луѓето се дел од мојата личност, карактер, чувства и припадност.
Успеа ли Македонија да се оттргне од балканската малограѓанштина и паланечка философија, според која да се седи мадро и да се преживее е стопати подобро од обидот да се биде храбар и да се ризикува добриот глас?
Дамовски: Некои од нас да, некои – не.
Според вас, кои се најголемите опасности за опстанокот на македонската нација?
Дамовски: Образованието лишено од логика, исплакнато во новоговорот на политичката коректност. Непријателски расположениот слободен капитал камуфлиран во донации, грантови, НВО, кои се само подружници на банкарската логика на тие божемно подарени пари. Колонизацијата со туѓи приказни, вредности и навики преку бескрајната сурија супстандардни играни серии по телевизиите.
Списокот е долг, но најголема опасност сме ние самите, се разбира. И тоа од слеп инат, зачинет со индивидуална алчност.
Каква Македонија посакувате или каква би ја направиле доколку имате моќ да го направите тоа?
Дамовски: Македонија во која има леб и правда за секого.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст