Вечерва и денес се собравме за да им дадеме поддршка на нашите браќа и сестри маченици кои се неправедно осудени за фингирани дела и за кои што не важат законите и правата кои што ги имаат во Република Македонија, ова вечерва пред Основниот суд на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ го истакна Александар Нацев.
-Сите 36 луѓе и оние од претходно се жртва на политички реваншизам и прогон од страна на антидржавната хунта на СДСМ. Сакам од овде да им порачаме малку да се завртат назад и да ја прочитаат историјата, да видат да се уверат дека ВМРО-ДПМНЕ не потклекнало и пред многу други предизвици и во многу потешки времиња, ВМРО надживеало империи, војни, надживеало вештачки творби од држави, а исто така ќе го преживее и ова денес. Овие наши патриоти само ја продолжуваат борбата на Карев, Сандански и на Ќосето, не смееме да дозволиме нивната жртва да биде залудна, ќе се бориме за Македонија, македонскиот народ и Македонската држава, вели Нацев.
Тој потенцира дека ваквата црна историја ќе биде запишана веднаш рамо до рамо со прогонот на Ченто, Брашнаров, Шишков и Драган Богдановски.
-Денес Јохан, Илија, Жаклина, Крсто и Горан се новите Ченто, Брашнаров, Богдановски на современата Македонија и тие ќе бидат запишани во историјата како такви. Тие нема да ја скршат кичмата на Македонецот, сето ова што го прават го прават за да не може Македонецот да дејствува во одбрана на својата татковина, но да знаат дека македонскиот народ е свесен и умен. Овој народ е свесен дека сега започнаа да доаѓаат фактурите за сето она што се испорача пред изборите, сите оние лаги кои што ги кажуваше оној кој што ќе јадеше живи луѓе. Дали овој прогон е само остварување на неговите закани и заплашувања?, прашува Нацев.
Тој додава и дека Македонците никој нема да ги скршат, а државата нема да ја продаваат каде што ќе стигнат, бидејќи државата не е нивна, туку на народот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.