| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските научници открија: „Страшниот суд“ е за прв пат нацртан во црква во Велес

Фреска од Страшниот суд е пронајдена на внатрешниот дел од манастирот „Св. Димитрија“ крај Велес. Таа е во нартексот на црквата, на северниот ѕид, а до неа стигнаа конзерваторите од Националниот конзерваторски центар, кои деновиве работат на проект на конзервација, во овој верски објект.

„Сто години пред раѓањето на познатиот холандски сликар Хиеронимус Бош, непознат велешки автор на ѕидот од црквата го нацртал Страшниот суд, по негово видување. Оваа прекрасна илустрација на верското учење е нешто многу вредно и фасцинантно, што одамна ја немам видено во Македонија. Тоа е ретка композиција преставена од тој период“, изјави конзерваторот Владо Мукоски од Националниот конзерваторски центар.

Тој заедно со неколкумина колеги од Националниот конзерваторски центар работат на конзервација на ѕидното сликарство во манастирот „Св. Димитрија во Велес“, проект финансиран од Министерството за култура. Пред некоја година се откри стар живопис, кој датира од крајот на 13. век. Лани се раслои еден дел, годинава се продолжи со механичко суво чистење, при што е откриена фреската на Страшниот суд. На неа може да се виде риба како јаде човек, и повеќе морски животни, но и три лица од кои еден чита писмо. До ктиторот на црквата откриен пред некоја година, кој во рака ја држи нејзината макета, деновиве е пронајдено писмо, кое поради оштетувањето засега не може да се дешифрира. Според очекувањата тука се забележани името на ктиторот и мотивот зошто тој решил да ја гради црквата, во кој период е градена.

„Од оваа фреска, прекрасен портрет, велемајсторски насликан, дава нова вистина, може да се заклучи дека црквата е градена со камбанаријата, наспроти тврдењата дека таа е доградена откако е откопана во 18. Век“, додава Мукоски.

На ктиторот е раскошна одежда, каде има двоглав орел, кој бил симбол користен во Византија, а подоцна прифатен од други народи и држави.

Ако се одобрат пари, проектот за конзервација на фреските во манастирот „Св. Димитрија“ ќе продолжи вгодина. Црквата е еднокорабна градба над која се издигнува кула со камбанарија, поради која е карактеристична и се издвојува со оваа своја посебност од другите средновековни цркви во Македонија. Манастирската црква е посветена на великомаченикот и воин Димитрија, и има интересна историја.

Црквата „Св. Димитрија“ била пет векови закопана под земја до 1855. По доаѓањето на Турците и топовското бомбардирање, манастирот бил затрупан. Ова, според записите, било некаде пред 1400 година. Црквата била под земја се до 1855, кога на воденичарот Петре Здравев, кој живеел близу, на сон во неколку наврати му доаѓал абер да ја откопа црквата. Во неговите настојувања, успеал да ги убеди турските бегови да му дадат дозвола, по што црквата навистина била пронајдена. Затоа неговиот гроб е во дворот на манастирскиот комплекс.

Зографските работи ги извршил велешанецот Хаџи Коста Крстев. Овој настан е овековечен во внатрешноста на црквата на јужниот ѕид со натпис изработил Х. Косте Зограф и фотограф. Ова е недоволно истражен податок, дека уште во средината на 19 век за прв пат во Македонија , далеку пред браќата Манаки, се споменува занимањето фотограф.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top