Поранешното воено аташе во македонската амбасада во Берлин е војник од кариера којшто со доаѓањето на чело на АРМ воведе јасни и прецизни правила на игра. Армијата има за цел да ја брани државата, но поради новите глобални трендови и да ја претставува во светот. Генералот Котески успева да ги исполни и двете цели. Во интервју за „Република“ тој говори за актуелната состојба во која се наоѓа македонската армија и нејзините војници.
Генерале Котески, што ви велат вашите колеги кога се среќавате и разговарате со нив? Се разбира, војниците мораат да ги слушаат цивилните политички одлуки, но кој е ставот на вашите колеги генерали кога разговарате приватно на оваа тема? Ја разбираат ли нашата фрустрација?
Котески: Се разбира дека политичарите треба да донесат одлука за политичките прашања во одбраната. Но, сметам дека мора да се согледа и размислувањето на воените субјекти, особено кога се работи за воени прашања.
Кога разговарам со моите колеги, не само што ја разбираат нашата фрустрација, туку најголемиот дел од нив посакуваат да се најде решение. Сигурен сум дека ме поддржуваат во границите на нивните овластувања и можности и не играат двојна улога проследена со егоизам. Тоа што е најважно, колегите од НАТО целосно нѐ поддржуваат во делот од прашањата за кои тие донесуваат одлуки.
Македонија го поминува и 14. акциски план за влез во НАТО, што е своевиден рекорд. Има ли смисла сѐ уште да се исполнуваат овие планови кога е јасно дека политиката, поточно грчкиот став, е пресуден за нашето членство во НАТО?
Котески: Во оваа пригода сакам да потсетам дека приемот во НАТО е, пред сѐ, политичка одлука, а сето тоа што е постигнато досега во одбраната е плод на напорна работа. Подготовката за влез во НАТО за секоја држава-аспирант е исклучително сложен и сериозен процес во кој покрај институциите што се надлежни за прашањата од одбраната, се третираат речиси сите пори на општеството. Мора да се каже дека Република Македонија успешно го изоди овој пат низ кој од страна на алијансата беше скенирана во секој нејзин сегмент. Најголемата оценка за нас беше кога на ,,фамозниот“ самит на НАТО во Букурешт беше објавено дека Македонија ги исполни условите за полноправно членство, но, сепак, од познати причини не доби покана.
Тоа е правило, тоа е критериум. Сѐ додека не станеме членка на НАТО ние мора да го следиме овој процес. Ако не го спроведуваме овој процес, може да се доведеме во непријатна ситуација.
Како би ги споредиле вештините со кои располагаат нашите војници со другите за кои имате информации? Голем број војници од АРМ добија високи медали од странски земји.
Котески: Не би сакал да давам оценка за обученоста на припадниците на странските армии, но можам да кажам дека изминативе години стандардите во обуката ги градевме со посветеност, учење и со усовршување од најсовремените армии-членки на НАТО. Сето тоа што сме го научиле и прифатиле сме го потврдиле во практика на заедничките вежби и, секако, при извршувањето на мисиите предводени од ОН, НАТО и од ЕУ. За релативно краток временски период успеавме да изградиме армија со персонал што поседува високи професионални, стручни и морални квалитети што беа препознаени и на меѓународен план. Тоа ни овозможи, пред сѐ, рамноправно да ги споделуваме предизвиците со армиите што се дел од големото семејство на алијансата.
Според процентот на македонски војници во споредба со бројот на жители во мисиите во Авганистан, Ирак, Либан и Босна, Македонија е на високото трето место меѓу сите членки на НАТО. Колку војска има Македонија и колку од неа е надвор од земјата?
Котески: Во моментов АРМ учествува во три мисии, со 164 припадници. Во мировната мисија во Авганистан АРМ учествува со 150 припадници, во мисијата АЛТЕА во БиХ учествуваме со 11 припадници и со еден припадник на АРМ учествуваме во мисијата на ОН УНИФИЛ во Либан.
Одамна не сме чуле за голема набавка или за тендери за набавка на оружје во АРМ. Како се снаоѓате, со донации или парите од државниот буџет се доволни? Задоволни ли сте од буџетот со кој располага армијата?
Котески: Во последните три-четири години буџетот во одбраната континуирано се намалува. Ова намалување се должи на економската криза не само во РМ туку и во целиот свет, што директно влијае на стандардот на припадниците на АРМ. Сегашните финансиски средства во буџетот се доволни за одржување на опремата и на техниката со која располагаме, но не се доволни и за модернизација на АРМ.
АРМ изработи план за модернизација на АРМ и го презентираше пред надлежните институции и авторитети. Постои желба и поддршка да се почне со реализација на овој план. Очекувам дека оваа одлука ќе биде донесена и ќе биде позитивна во корист на АРМ и во корист на државата. Сметам дека овие аквизиции, имајќи ја предвид нашата економска моќ, е добро да се реализираат со отплата на повеќе години.
Познато ви е дека организацијата на набавките е во целосна надлежност на МО. Поради специфичноста сметам дека системот за набавки во МО треба да се разликува во однос на законските одредби за набавки во другите министерства и во тој контекст се потребни законски измени.
Донациите се добредојдени, но не се живее од нив. Мора да вложуваме во одбраната, мора да вложуваме во модернизацијата затоа што со тоа вложуваме во иднината на нашата држава. Подготовки за одбрана и за модернизација се вршат во мирновременски услови, а не кога сте принудени на тоа. Одбраната, безбедноста, мирот немаат цена. Кога еден човек е болен единствено што бара и му е потребно е здравјето. Кога една држава ќе го загуби територијалниот суверенитет и интегритет, тогаш прашува за одбраната и за безбедноста.
Има ли смисла Македонија да продолжи да троши сериозни ресурси и финансиски и технички и кадровски на операции во светот кога во исто време некои наши соседи, кои имаат по десет пати поголем буџет за армијата и за вооружување, во истите операции одат само со медицински тимови или со тимови за логистика?
Котески: Испраќањето припадници на АРМ во мисии надвор од Република Македонија е политичка одлука и, како што е познато, се донесува во Собранието на Република Македонија. Јас како началник на Генералштабот на АРМ можам да констатирам дека искуството со кое се здобивме и научените лекции немаат цена. Исто така, од политички аспект, конкретниот придонес што Република Македонија го даде изминативе единаесет години во борбата против глобалниот тероризам, како и во активното учество во колективните системи за одбрана и за безбедност, се од огромно значење. Тоа беше истакнато и во обраќањата на лидерите на клучните земји–членки на НАТО, кои ни оддадоа соодветно признание. Учеството во мисиите беше и сѐ уште е најдобриот начин Република Македонија на сите суштински политички субјекти да им ја покаже својата цврстата определба за активно членство на државата во алијансата, како појдовна основа, за што сѐ уште постои и огромна поддршка и од страна на граѓаните.
Како се финансираат операциите на АРМ во Авганистан, на пример? Многумина сметаат дека сите трошоци се покриваат од НАТО и дека АРМ таму испраќа само војници.
Котески: Во однос на ова прашање, би сакал да истакнам дека дел од финансиските трошоци за учество во мировните мисии паѓа на товар на Република Македонија, а дел на земјите во чијшто состав сме.
Деталите за начинот на финансирање се пропишуваат во меморандумот за разбирање каде што се прецизира кој дел од финансиските трошоци се на товар на Република Македонија, а кој дел отпаѓа на државата во чијшто состав се упатуваат нашите војници. Во конкретниот случај, со мировната мисијата во Авганистан делот за паричен надомест непредвидени трошоци и храна се одговорност на Република Македонија, додека стратегискиот транспорт, здравствената заштита и одржувањето на техниката и на опремата се во надлежност на Велика Британија.
Начинот на финансирање на мировните мисии е различен за секоја мисија.
Колку е подготвена АРМ за елементарни непогоди?
Котески: Употребата на АРМ во услови на елементарни непогоди, во согласност со законите, е дефинирана во рамките на асистенцијата на институциите што се надлежни за дејствување при елементарни непогоди. Како што веќе споменав, АРМ во изминатиот период покажа дека има капацитет во успешно соочување со елементарни непогоди. Овде ќе повторам за нашето учество во гаснење пожари, соочување со последици од поплави и од земјотрес, доставување хуманитарна помош и прехранбени артикли по воздушен пат во регионите завеани од снег, извлекување и помош на болни и неподвижни лица, како и чистење на речните корита.
Но, мора да се нагласи дека ова не е приоритетна мисија на Армијата и дека таа при извршувањето на овие задачи, покрај употребата на човечките ресурси, употребува средства, механизација и троши средства и погонско гориво, кои не се предвидени за извршување на овие задачи. Сметам дека во наредниот период треба многу повеќе да се работи на зацврстување на институциите, чијашто основна задача е соочување со елементарни непогоди, а АРМ да се ангажира кога, навистина, има потреба за тоа, односно во услови на непогоди од поголеми размери или на непристапни предели и слични состојби.
Сакам да порачам дека АРМ секогаш ќе ги става своите капацитети на располагање кога се работи за елементарни непогоди во државата затоа што се работи за нашата татковина, но и вие сте сведоци дека во услови на ограничени финансиски средства, секоја институција треба да настојува доделените средства да ги троши домаќински и наменски.
Како поранешен воен аташе, како гледате на воената дипломатија?
Котески: Пред сѐ, ние имаме добар развој и успех во воената дипломатија. Но, секогаш има простор да бидеме подобри. Сметам дека воената дипломатија е составен и битен дел од државната дипломатија.
Изборот и подготовките на воените претставници треба да бидат сеопфатни. Ова поточно подразбира дека за воени претставници треба да се упатуваат старешини што имаат богато војничко искуство, кои завршиле соодветно образование, кои се лојални на институцијата и пред себе секогаш го имаат интересот на нашата земја.
Исто така, сметам дека во иднина е потребно да се испратат воени претставници во НРК и во Руската Федерација. Овие земји се постојани членки на Советот за безбедност, светски сили и нѐ признале под уставното име. Исто така, во континуитет успехот на воената дипломатија го гледам во давање навремени инструкции во однос на задачите, но потребно е и решавање на одредени статусни прашања на воените претставници што имаат влијание на нивната работа.
Што друго е важно во Армијата по–крај дисциплинаата. Колку е важна креативноста на луѓето што ја водат АРМ?
Котески: Одговорноста во работата, редот и дисциплината секогаш мора да бидат застапени во АРМ. Го барам тоа поради сериозноста на задачите и безбедноста на луѓето и на техниката. Но, исто така, барам припадниците на АРМ да бидат креативни во секојдневната работа бидејќи тоа го бараат безбедносните предизвици и динамиката на живеење не само во воената организација, туку и во животот воопшто.
Разговараше: Горан Момироски
Фото: Ѓорѓи Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.