| четврток, 6 декември 2018 |

Срамно и едногласно: Членовите на ДИК не ги враќаат бонусите, но ќе ја објават одлуката за нивно доделување

Членовите на ДИК денеска одржаа седница на која потенцираа дека одлуката за надоместок за изборите за нив, за стручната служба и други ангажирани лица е законска, според член 19 од Изборниот законик и Правилникот на Комисијата. Тие истакнаа дека од распишувањето на изборите до нивното завршување за нив нема работно време, ниту празници, ниту викенди… Одлуката, според нив, е целосно оправдана и поради тоа што во одредени околности во опасност бил и нивниот живот.

На седницата беше донесен заклучок секој индивидуално да реши дали средствата што се добиени како надоместок ќе ги врати или нема. Членовите на ДИК: претседателот на Комисијата Александар Чичаковски, потпретседателот Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов, експерт, Силвана Бонева и Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ, Виолета Дума и Игор Милев од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ и Бедредин Ибраими од ДПА, иако сметаат дека ги заслужиле средствата, поради судот на јавноста ќе ги вратат четирите плати во буџетот или ќе ги донираат.

Имајќи ги предвид забелешките за транспаретноста, во заклучокот се задолжуваат службите на ДИК на веб-страната да бидат ставени сите необјавени одлуки што ги донела Комисијата.

Претседателот на Комисијата Александар Чичаковски рече дека одлуката за надоместокот е целосно законита и оправдана. Бидејќи не постои правна можност за отповикување на одлуката, тој ќе ги врати или ќе ги донира четирите плати доделени како надоместок за локалните избори.

– ДИК во овој состав од нашиот избор до сега успеа во една длабока политичка криза да спроведе фер и кредибилни предвремени парламентарни и локални избори и на тој начин допринесовме да се стабилизира политичкиот и демократскиот систем во Македонија, рече Чичаковски.

Јавноста, додаде тој треба да ги земе предвид утврдените критериуми, како обем, сложеност, одговорност…

– Ги прифати критиките искажани за транспаретноста, но сепак, иако е направено доста во тој поглед останале многу од забелешките на кои треба да се работи а се однесуваат и на службата на ДИК, како и за ненавремено одговарање на службата на барњата за слободен пристап до информации, рече Чичаковски.

Сашо Срцев, член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ изрази, како што кажа, зачуденост, од леснотијата и посочувањето со прст кон ДИК како школски пример за корупција. И тој кажа дека ќе ги донира или ќе ги врати четирите плати во Буџетот.

– Зар нужно е потребна таква дискриминација ако се сметало дека завршила нашата мисија. Спремен сум ако треба да ја дадам и својата оставка ако има направен каков било чекор надвор од Изборниот законик, но промоција на тој модел на престанок на мандат нема да ги задоволи наводно моралните принципи на градењетро институции. Нека знае јавноста дека не бевме независно тело, бевме тело со рок на траење и кое сега треба да престане во овој состав, истакна Срцев.

За Атанас Урумов, член на ДИК од делот на експертите, посочи дека членовите на Комисијата не подлежат на одредбите на Законот за работни односи, а само за неколку месеци имаат над 300 часови прекувремена работа и оти се ангажирани за викенди, за празници, ноќе. И тој ќе ги врати или ќе ги донира.

– Повеќе од сигурен сум во оправданоста на одлуката на надоместокот за извршената работа, рече Урумов додавајќи дека тоа не се пари добиени од злоупотреба ниту од оштетување на буџетот, туку се пари согласно Изборниот законик предвидени за ангажманот, за трудот и сложеноста на задачите ги исполнуваат членовите на ДИК.

Виолета Дума, Игор Милев од СДСМ и Субхи Јакупи од ДУИ се изјаснија дека исто така ќе ги вратат или ќе ги донираат парите. Дума посочи на законитоста на одлуката, повикувајќи се на Изборниот законик и на Правилникот на Комисијата.

– Моја лична изјава е дека ќе ги вратам на кој било начин парите, ќе ги донирам иако ги заслужувам во зелост да му се најдат на тој што му требаат, рече Дума.

Вработените во стручната службата на ДИК немаа слободни денови, не постоеше 11 окотомври како државен празник, ограничување на редовно работно време, немаше одмор бидејќи изборите беа распишани на 6 август, во секој момент бевме овде, истакна на седницата генералниот секретар на ДИК, Добре Јанчев.

Државниот инспекторат за труд за првпат по допрен глас бил во ДИК и утврдил дека и во 2016 исто и за 2017 за изборите вработените работеле подолго работно време и донел решение да се нареди да им се исплати и бонус на вработените.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top