| четврток, 6 декември 2018 |

Damien Dubrovnik, String Forces и Vedis во петок на Desonanz 2017

Егзотичните Damien Dubrovnik, со локална поддршка од String Forces и Vedis, на скопската публика ќе и приредат уникатно концертно доживување овој петок (осми декември) во Македонската филхармонија.

Во соработка со фестивалот Таксират, деветтото издание на Desonanz 2017 во Скопје го носи несекојдневниот проект, Damien Dubrovnik, на двајца од најпрославените модерни композитори во современата музика и сопствениците на културниот феномен и издавачка куќа posh isolation од Копенхаген, Loke Rahbek и Christian Stadsgaard. Настапите во живо на Damien Dubrovnik се легендарни не само поради техничката перфекција на звучниот дизајн во нивната музика, туку и по нивните луцидни сценски перформанси и неверојатната харизма која ја носат на сцена.

Публиката ќе има можност да го проследи и ексклузивниот проект на македонските етноџез експериментатори String Forces (во комплетен состав). Специјалниот аудиовизуелен перформанс насловен “Копај подлабоко” ќе понуди подлабок осврт на опусот на String Forces, со особен акцент на нивните музички експерименти подалеку од популарната музика, како и неколку уникатни, подлабоки и психоделични верзии на препознатливите хитови.

Вечерта ќе ја отвори Vedis, електроакустичниот проект на Klara која вооружена со својот глас и неколку инструменти ќе ја одведе публиката на магично аудио-визуелно патување.

„Десонанз“ е годишен фестивал кој истражува и експериментира со културните стандарди на мултимедијалната уметност, но и границите на колективната естетика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top