| четврток, 6 декември 2018 |

Словенечки новинар упати отворено писмо до Јункер: Запрете ја хунтата во Македонија!

Јоже Бишчак, новинар на словенечкиот магазин „Репортер“, му упати отворено писмо на претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, барајќи од него да престане да ја поддржува „автократската хунта во Македонија“.

Писмото го пренесуваме интегрално.

„Господине Јункер, македонскиот народ е сведок на најголемиот заговор во неговата историја – заговор за уништување на македонската нација. Со помош на послушните членови на Европски парламент, Вие активно помогнавте да се смени Владата на Груевски со цел да се реализира планот за систематско бришење на македонскиот народ. Под маската на демократијата, Заев беше поставен за шеф на Владата, но сега тој го покажа своето вистинско лице. Шест члена на ВМРО во Парламентот и водечки македонски уметници и активисти се приведени со политички обвинувања и необјасниво обвинети за ‘тероризам’.

Во исто време вистинските терористи, група исламисти кои во 2012 година застрелаа четворица македонски тинејџери и уште еден невин минувач, со намера да предизвикаат меѓуетничка и меѓурелигиска војна, се ослободени од затвор како дел од политичкиот договор на Заев со партиите на Албанците. Сега Заев исто така бара ослободување на десетици албански терористи водени од командант од Косово, кои го нападнаа македонскиот град Куманово во 2015 година, повторно со цел да предизвикаат поширок конфликт во регионот.

Поради активностите на претставниците на ЕУ на теренот и на некои од европарламентарците што отворено ги поддржуваат партијата СДСМ и Заев, македонскиот народ гледа дека цела Европска унија поддржува автократска хунта, група од криминалци што се договара со исламисти и со националистички терористи.

Владата на Заев исто така е полна со поддржувачи на политиката на отворени граници, која ѝ направи голема штета на цела Европа во 2015 и во 2016 година. Македонија и Владата на Груевски беа тие што ја затворија Балканската рута, која беше користена од напаѓачите што убија невини во Париз и во Брисел, каде што Вие живеете и работите. Сега, со оваа радикална, крајно неодговорна и екстремно дестабилизирачка Влада, ризикуваме поширок балкански меѓуетнички конфликт и негово прелевање во Европа, кој повторно ќе го претвори Балканот во рута за криумчарење дрога, оружје и исламисти во нашите земји.

Можеби не Ви е грижа за прекршувањето на правото на Македонците за самоопределување, за да си го изберат своето сопствено име. Но, ако имате чувство за самозаштита и ако барем малку се грижите за Европа, морате да ја напуштите оваа деструктивна политика во регионот и да се разбудите пред опасностите што ни доаѓаат. И не да се грижите само за себе, за Вашите бирократи, за Вашите власт, функција, углед и задоволство.

Многу сум лут. Многу темни облаци се надвиснуваат над Европа. А Вие, господине Јункер, прво ги обвинувате Полска и Унгарија, единствените држави што се загрижени за европскиот начин на живот, за нивната земја и за нивната иднина. Вие им се заканувате. Засрамете се!

Сега ѝ се навртевте на Македонија! Прво помогнавте да се дестабилизира земјата со Вашите европарламентарци, а потоа ја предадовте власта во рацете на криминалците! Во име на што? На левицата? На елитите? На Сорос? На феминизмот? На цвеќињата во косата? На миграцијата? Или, едноставно, во името на бојата на парите. И што ќе сторите со Вашите од коруптивни цели? Можете да ги втурнете луѓето во Македонија во граѓанска војна! За македонските патриоти поразот не е опција. Македонија има долга историја и многу храбри и горди луѓе, кои си ги сакаат своите татковина и нација. Македонија беше последната линија на одбраната меѓу цивилизацијата и варварските орди. Сакате да го уништите тоа? Бидејќи сега границите пополека се отвораат.

Направете нешто и запрете го несериозниот Заев, кој прекршува човекови права. Запрете го. Ако го сторите тоа, господине Јункер, половина од Вашите гревови ќе Ви бидат простени и можеби, само можеби, ќе можете да тропнете на рајската порта со мирна совест. Во спротивно, ќе горите во пеколот. Нема да се молам за Вас“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top