Апелацискиот суд Скопје попладнево на јавна седница расправаше дали прислушуваните разговори ќе бидат докази во судската постапка за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство, а одлуката треба да биде објавена утре. Апелација расправа по жалба на СЈО откако Кривичниот суд на 20 октомври годинава ги отфрли „бомбите“ како доказ за „Титаник“.
Според адвокатот на еден од обвинетите во овој случај, поранешниот премиер, Никола Груевски, ако Апелација ја прифати жалбата на СЈО, ќе направи срамно зло до степен на срам. Затоа побара судот да направи отстапка од досегашните одлуки со кои ги прифаќа бомбите.
Со инсистирањето на СЈО да бидат прифатени како докази во кривична постапка материјали кои се добиени од незаконско следење на комуникациите на илјадници граѓани во период од 8 години, и игнорирање на правното дејство на правосилното Решение КС бр. 127/15 од 04.11.2015 со кое дел од овие материјали веќе биле издвоени како незаконити докази, се врши систематско непочитување на ЗКП и на Законот за следење на комуникации, со што сериозно се повредува принципот на владеењето на правото, кој е вграден во Преамбулата на Европската конвенција за човекови права, а со тоа и во сите нејзини членови, вклучително и во член 6 став 1 од ЕКЧП. Според досегашната пракса на ЕСЧП членот 6 од ЕКЧП е релевантен и пред да почне судењето, доколку правичноста на судењето е веројатно да биде сериозно неправедна преку иницијалниот неуспех за усогласување со одредбите на ЕКЧП како што тоа е случај во конкретниов предмет.
Аргументите на СЈО во спротивност со правото на правично судење
Аргумените на СЈО дека содржината на комуникациите кои биле незаконски следени претставуваат законски стекнат доказ само затоа што согласно чл. 287 од ЗКП им ги предала политичката партија СДСМ, се во спротивност со правото на правично судење загарантирано со член 6 став 1 од ЕКЧП, за што постои и судска пракса на ЕСЧП.
За илустрација, во пресудата “Хајрулаху против Македонија”, Судот се повикува на член 15 став 2 од ЗКП од 1997 година (чија содржина е идентична со член 12 став 2 од актуелниот ЗКП), односно дека кривични обвиненија не може да се засноваат на докази добиени со кршење на човековите права и слободи, аргументирајќи на тој начин дека употребата на незаконско стекнатите докази во кривичната постапка покренува сериозни прашања за правичноста на постапката.
Обвинетите Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски, и Гордана Јанкулоска, поранешна министерка за внатрешни работи, истакнуваат дека се чувствуваат како жртви на прислушувањето и бараа бомбите да не бидат доказ, зашто ќе се создаде правна несигурност. Јанакиески, кој денска присустввуаше на јавната расправа изјави дека бил прислушуван и телефон на член на неговото семејство, а Јанкулоска потенцира дека не е важна содржината на прислушуваните разговори, туку тоа дека таа како јавен функционер е дискриминирана бидејќи за неа не важи правото на приватност.
–Јас се повикав на конкретна пресуда на Европскиот судот за човекови права, во случајот на „Госпоѓата А против Франција“, каде спомена дека предмет на заштита е самата комуникација, а не нејзината содржина и содржината е сосема ирелевантна, без оглед што содржат некои разговори. Судот во ниту еден случај не би смеел да заснова судска одлука на така прибавени докази и чекор повеќе и ја споменав пресудата во случачајот „Нимиц против Германија“, каде за луѓето кои вршат јавни професии судот констатира дека е невозможно да се направи дистинкција помеѓу јавните и приватните разговори, зашто таа комуникација е испреплетена и затоа секоја комуникација без оглед на што се однесува, ја ужива заштитата од членот 8, вели Јакулоска.
Во контекст на конкретниот предмет важно е да се потенцира дека суштината на заштитата која ја нуди член 8 од ЕКЧП е правото на поединецот да задржи за себе односно да сподели со оние со кои сака да сподели одредени информации. Обврската за почитување на ваквото право се однесува на сите останати поединци, институции и државни органи. Самото право содржи и гаранција дека тајноста на содржината на комуникациите не смее да биде откриена од лица кои не се вклучени во процесот на комуникација ниту од органите на јавната власт и при тоа самата заштита на правото на поединецот создава обврска за државата, не само да се воздржи од неовластено пресретнување и следење на комуникациите, туку и да создаде услови за граѓаните да го остварат правото на непречено и приватно комуницирање. СЈО и судската власт се дел и од јавната власт и како такви не смеат да ја откриваат содржината на комуникациите кои биле неовластено следени, а уште помалку смеат таквата содржина да ја предлагаат и да ја прифаќаат како доказ во кривична постапка против жртвите на незаконското следење на комуникациите.
Примери од европската практика
Ставот на ЕСЧП („Госпоѓата А против Франција“) е дека комуникацијата не го губи својот приватен карактер само затоа што нејзината содржина го засега или може да го засегне јавниот интерес. Напротив, самата содржина е ирелевантна за почитување на правото на нејзина тајност бидејќи заштитата на правото е во однос на средствата за комуницирање и самиот чин на комуницирање, а не во однос на предметот и содржина на комуникација. Дотолку повеќе што комуникацијата во конкретен случај може да содржи и експлицитно признание за инволвираност во криминална активност, но доколку истата е откриена неовластено, тогаш, станува збор за повреда на правото на приватност односно повреда на член 8 од ЕКЧП. Дотолку повеќе што судот во предметот „Нимиц против Германија“ зазема став дека правото се однесува на тајност на секоја комуникација без разлика дали е приватна или деловна, бидејќи не секогаш е возможно да се направи разграничување кои активности на поединецот припаѓаат на неговиот професионален или деловен живот, а кои се приватни.
СЈО прави недозволена дистинкиција помеѓу создавање докази и прибавување докази
Сепак, и покрај праксата на ЕСЧП и кристално чистата концепција на ЗКП (според која во кривичната постапка како доказен материјал може да се употреби само оној што е прибавен со почитување на основните процесни форми и гаранции за правата на граѓаните и од страна на овластен орган) СЈО во инсистирањето во постапките да користи како доказ материјали кои произлегуваат од грубо кршење на човековите права прави недозволена дистинкиција помеѓу создавањето на доказите и прибавувањето на доказите, иако Законот за кривична постапка никаде не користи термин “стекнување” на докази, туку само “прибавување” на докази (член 12 став 2 и член 259 став 1). Неспорно е дека тие материјали се прибавени со незаконско следење на комуникации и сосема ирелевантно е нивното формално примопредавање бидејќи без оглед кој и во каква процедура ги доставил до СЈО, со чинот на примопредавање незаконското следење на комуникации не може да се озакони. Примената на логиката на СЈО би значела дека и доказите кои произлегуваат од тортура или повреда на процесните права, слободно може да се користат доколку во процесот на нивно примопредавање се вклучи дополнителна алка односно доколку ги предаде трета страна, неповрзана со самата поврда на законот од која таквиот доказ произлегува, што ги побива самиот ЕСЧП во пресудата Хајрулау против Македонија.
Легализирањето на незаконски прибавените докази од содржината на масовното осумгодишно неовластено следење на комуникациите преку повикувањето на јавните власти на само еден единствен член (287) од ЗКП, е во спротивност и со критериумот “неопходност во услови на демократско општество”, затоа што не постои пропорционалност со легитимната цел која треба да се постигне. Исклучително долгиот период во кој незаконското следење на комуникации се одвивало, како и опфатот на лица кои биле следени, во ниту едни околности не може да бидат протолкувани како пропорционално вмешување во правото на приватност за постигнување на било која легитимна цел.
Оттука, неспорно е дека материјалите кои СЈО бара да бидат употребени како доказ се резултат на масовно кршење на човековите права и без оглед како се доставени до СЈО тие се прибавени незаконски, надвор од било каква процедура која би почивала на пропишани стандарди и без постоење на механизми кои би гарантирале заштита од злоупотреба.
Со оглед на масовноста и времетраењето на кршењето на човековите права, воопшто не може да стане збор за било каква претходна оценка на оправданоста за ограничување на правото на приватност во конкретен случај заради постигнување на конкретна цел. Напротив, СЈО преслушувајќи селектиран дел од материјалите, дополнително претпоставува дека некоја содржина би можела евентуално да биде ставена во контекст на нивната теорија на случај за некој предмет, па инсистираат и покрај забраната од член 12 од ЗКП, судот да ги прифати како доказ.
Евентуалната одлука на судот да се прифатат како доказ материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации освен што ќе претставува прекршување на повеќе членови од ЕКЧП, ќе биде и непочитување на забраната од член 12 од ЗКП и ќе има статус на суштествена повреда на одредбите од ЗКП и штом истата ќе се констатира таквата пресуда се смета за манлива и мора да се укине. Затоа имајќи го предвид систематско непочитување на ЗКП и на Законот за следење на комуникациите од страна на СЈО, според досегашната пракса на ЕСЧП, во конкретниов предмет членот 6 од ЕКЧП е релевантен и пред да почне судењето, бидејќи правичноста на судењето е веројатно да биде сериозно повредена преку иницијалниот неуспех за усогласување со одредбите на ЕКЧП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст