Војната против тероризмот на НАТО не само што направи од Авганистан земја на страв и на ужаси, туку ја претвори во машинерија за производство на хероин и земја на наркозависници.
Статистиката покажува дека производството на опиум се зголемува трета година по ред и бележи пораст за цели 40 пати од почетокот на инвазијата на НАТО во 2001 година. Во последната декада авганистанската дрога претставува причина за смрт на околу еден милион наркозависници во светот. Авганистан сега, не само што е најголемиот производител на хероин во светот, туку е и земја со најголем број уживатели на оваа дрога со три проценти од вкупното население, односно со еден милион зависници. Овој бизнис, буквално, цути во земјата во која поради енормното производство, опојна дрога може да се набави на секој чекор, и тоа за само неколку долари за еден грам. Меѓународната заедница признава уште еден поразителен факт – парите од трговијата со хероин, кој се дистрибуира на западните пазари, се еден од главните извори на финансирање на талибанските терористи.
Според првиот човек на Руската федерална служба за контрола на дрогата, Виктор Иванов, меѓународните криминални групи од овој бизнис заработиле повеќе од 1.000 милијарди долари. Тој смета дека токму доходот од наркоиндустријата е главна причина за нестабилноста на оваа азиска земја, која веќе три децении е претворена во воена зона.
– Секој независен стручњак мора да го признае тажниот факт дека меѓународната заедница потфрли во спречувањето на производството на хероин во Авганистан од почетокот на операциите на НАТО – вели Иванов.
Стручњаците предупредуваат дека ситуацијата може уште повеќе да се влоши поради повлекувањето на НАТО, па затоа повикуваат да се изработи сериозна стратегија за справување на земјата со овој проблем откако ќе се соочи со новата реалност.
Дрога или тероризам?
Трговијата со дрога претставува 15 проценти од авганистанскиот БДП или 2,4 милијарди долари годишно, покажуваат податоците на Обединетите нации од 2012 година. Годинава во Авганистан се одгледува афион на површина од 388.000 хектари, што е речиси двојно повеќе од периодот пред инвазијата.
Властите во Кабул немаат интерес да се справат со големиот пораст на производството на хероин поради и така големата сиромаштија во земјата. Производството на опиум претставува главна „економска гранка“ во оваа земја уште од 2001 година.
Од овој бизнис преживуваат илјадници сиромашни селани. Пред инвазијата на НАТО, талибанскиот режим донесе забрана за производство на опиум повикувајќи се на строгите исламски закони, со што производството било намалено од 4.000 тони на само 82 тони годишно. Сепак, по 2001 година во земјата се случува вистински бум, па така таму денес се произведуваат 90 проценти од вкупната количина опиум во светот.
Стручњаците велат дека борбата против трговијата со дрога во Авганистан се одвива многу тешко поради тоа што меѓународните сили се обидуваат да ја придобијат довербата и наклонетоста на локалното население во борбата против тероризмот. Ако им се забрани одгледувањето афион, што за нив претставува основен и единствен извор на егзистенција, ќе ја загубат и така малата доверба кај селаните. Аналитичари сметаат дека токму поради тоа Западот не може да се бори против двете зла истовремено.
Стејт департментот се обиде со донации, во висина од 18,2 милиони долари, да ги натера земјоделците да одгледуваат други земјоделски култури, но селаните ги зедоа парите и продолжија да се занимава со овој бизнис.
Русија и САД со различни гледишта
Русија и САД имаат различни гледишта во однос на справувањето со овој проблем. Москва предлага систематско уништување на полињата со афион, со образложение дека сѐ додека тие постојат, ќе постои и трговијата со хероин. Сепак, САД и НАТО имаат друга стратегија, која не предвидува искоренување на афионот од авганистанската почва, најмногу поради борбата со тероризмот.
Токму поради таквиот однос на Вашингтон, рускиот претседател Владимир Путин минатата недела отворено ја обвини мисијата ИСАФ дека не презема доволно мерки за спречување на трговијата со дрога во Авганистан и предупреди дека ситуацијата во иднина дополнително ќе се влошува.
Како еден од механизмите за борба против трговијата со дрога, некои стручњаци им препорачуваат на авганистанските власти да го легализираат опиумот. Со тоа трговијата би била контролирана од власта, а ќе наплатува и данок. Од друга страна, земјоделците нема да се третираат како непријатели на државата, а зависниците би добиле соодветен третман. Сепак, властите во оваа земја тешко дека би се одлучиле на ваков чекор затоа што би предизвикале остри реакции од целата меѓународна заедница.
Авганистанскиот хероин ги убива Европејците и Русите
Според процените, во Авганистан годишно се произведуваат 840 тони хероин. Најголем дел од дрогата завршува во Европа и во Русија, која стана трета земја во светот по употреба на наркотици, по Авганистан и по Ирак.
Оваа количина произведена дрога е доволна да убие 10 милиони наркозависници. Од друга страна, пак, властите во Европа и во Русија успеваат да запленат само 10 проценти од произведената дрога.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст