| четврток, 6 декември 2018 |

Пристигнува евтин iPhone: Apple наскоро ќе лансира телефон за пошироката народна маса

Поттикнати од успехот на својот најнов iPhone X, од американската компанија би можеле во следните неколку месеци да лансираат нов, поевтин iPhone.

Се појавија нови гласини за „евтината верзија“ слична на веќе познатиот iPhone SE кој што на љубителите на Apple би требало да им понуди интересна алтернатива во однос на скапиот iPhone X.

Инаку, iPhone SE беше лансиран во април 2016-та година – опремен е со 4-инчен екран и метално куќиште кое што првобитно беше користено на iPhone 5. Опремен е со солидна камера и во принцип нуди одличен хардвер, помали димензии и тоа што е најважно, пониска цена.

Тајвански Economic Daily News и Macrumors тврдат дека Apple веќе склучиле договор со тајванскиот производител Wistron за производство на „малиот“ iPhone во една од фабриките на оваа компанија во Индија.

Засега не е познато кога Apple би можеле да го претстават овој „мал“ телефон, но аналитичарите сметаат дека тоа би можело да се случи во април 2018-та, односно две години после лансирањето на iPhone SE.

Засега не е познато како ќе изгледа новиот „мал“ телефон на Apple, се шпекулира дека би можел да изгледа слично на iPhone SE, но постојат и информации дека би можел да има екран „од раб до раб“ сличен на оној на iPhone X.

Едно е сигурно, а тоа е дека Apple ќе го пласира овој телефон со далеку понапреден хардвер и помоќна камера.

Со оглед на тоа што стандардната големина на екраните на премиум телефоните се движи од 5 до 6 инчи, се претпоставува дека помалиот и поевтин телефон на Apple ќе пристигне со големина на екран од нешто повеќе од 4 инчи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top