| четврток, 6 декември 2018 |

Во игра се сите опции: Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат на седницата за одземање на имунитетот на шесте сопартијци

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да учествува на седницата, нарекувајќи ја „политичка фараса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите оние кои што мислат различно“

Собранието на Република Македонија го почна денешното заседание со 24. седница, на која беше донесена одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

Веднаш по глсањето претседателот на Собранието Талат Џафери објави пауза, по која треба да почне 25. седница за симнување на имунитетот на шесте пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

На почетокот на денешното заседание Џафери констатира дека се присутни 67 пратеници и оти може полноважно да се одлучува.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да учествува на седницата, нарекувајќи ја „политичка фараса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите оние кои што мислат различно“.

„Желбата на СДСМ е да имаат апсолутна и неконтролирана власт во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ги разгледува сите возможни опции за да се спротистави на ова безумие и да се стави во заштита на луѓето кои неправедно се дел од политички монитрани процеси без разлика дали тоа се пратеници, официјални лица или обични граѓани, чии единствен грев е што се дрзнале врз основа на својата совест и убедување да се спротистават на политиките на СДСМ“, се наведува во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

За симнување на имунитетот на пратениците потребно е просто мнозинство односно 61 глас. Со тоа ќе заврши постапката предвидена со Деловникот на Собранието и Уставот за симнување на пратеничкиот имунитет на Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top