| четврток, 6 декември 2018 |

Условна казна и за Јордан Ристески од општина Центар

Поранешниот советник во Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Јордан Ристески, петтообвинет во случајот на СЈО за „шамарите во Центар“ доби условна казна затвор од шест месеци кои нема да се извршат ако во следните две години не стори кривично дело. Пресудата е правосилна бидејќи сега веќе осудениот се откажа од правото на жалба.

На вчерашното рочиште кое се одложи поради отсуство на еден од адвокатите, Ристески побара збор и ја призна вината. Тој кажа дека во текот на минатата недела ги согледал делата за кои го товари Обвинителството и ја признава вината и оти чувствува длабоко каење. За признавањето, рече, немал никакви притисоци ниту од полицијата ниту од Обвинителството.

Тој е вториот што добива условна казна затвор. Пред него, на рочиштето на кое се отвори главната расправа за случајот, другиот обвинет советник, Томислав Лазаров, призна вина и исто така доби условна казна затвор од шест месеци ако во наредните две години не стори кривично дело.

Судењето за останатите обвинети ќе продолжи на 7 декември кога треба да сведочат поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, и една од повредените за време на насилсните протести летото 2013. Првообвинет е Никола Груевски, а веднаш зад него е ексминистер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, како и поранешната советничка во Центар, а сега пратеничка, Даниела Рангелова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top