| четврток, 6 декември 2018 |

Трамп и Меј во твитер кавга (фото)

Американскиот претседател Доналд Трамп преку социјалната мрежа Твитер ја повика британската премиерка Тереза Меј да не се занимава со него, туку да се ангажира околу проблемот со радикален исламизам во Британија.

Реакцијата следи откако Меј и други британски политичари го критикуваа Трамп затоа што на Твитер објави коментари од националистичка британска политичарка и видео снимки од насилни исламисти.

Портпаролот на Меј истакна дека „погрешно е тоа што го направи Трамп“.

Британските опозициски политичари побараа од Владата да ја повлече поканата за посета на Трамп на Велика Британија, откако тој ретвитна пораки на британската екстремистичка десничарка Џејда Франсен.

Пратеникот на Лабуристичката партија Дејвид Леми на Твитер објави дека Трамп „не е добродојден“ во неговата земја и неговиот град. И лабуристот Чук Умун побара да се повлече поканата до Трамп за посета на Велика Британија.

Меј претходно најави дека Трамп ја прифатил поканата да ја посети Велика Британија во јануари, но датумот се уште не е прецизиран.

Американскиот претседател вчера на Твитер објави видео снимки од исламистичко насилство низ светот. На една од снимките се гледа група луѓе како тепаат момче и го фрлаат од покривот на зграда, на друга муслиман крши статуа на Богородица, а на третата маж за кого се вели дека е муслимански мигрант крвнички тепа холандско момче кое оди со патерици. Снимките беа објавени од Твитер профилот на Џајда Франсен (@JaydaBF), потпретседателка на британското националистичко движење Британија Прва.

Движењето ги обвинува британските власти дека вршат исламизација на нивната земја и редовно учествува на изборите во Велика Британија, досега без поголем успех. Франсен му се заблагодари на американскиот претседател што ги реобјави нејзините коментари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top