„Кога синоќа го прашавме по кој пат доаѓа во Скопје, тој одговори, 13о-ти! Но, овој пат тој доаѓа со својот секстет кој го сочинуваат Саша Ранковиќ на тапани, Мирослав Товирац на бас, Војно Диздар на клавијатури, Александар Петковиќ на саксофон и Милош Николиќ на труба, обединети под името „Rambo Amadeus & Five Winnetous““.
Вака беше најавено гостувањето на познатиот музичар Рамбо Амадеус кој вечерва гостува во Скопје. Концертот е во „Станица 26“, почнува во 22 часот и е во организација на концертната агенција и продукција „3Гонга“.
– Концертната агенција и продукција „3Гонга“ има идеја да ја развие клупската свирка во Скопје и во Македонија. Концертот на Рамбо Амадеус е градска сесија број пет. Ќе има многу настани во 2018 година – изјави Александар Пејчиновски, еден од основачите на „3Гонга“.
Рамбо Амадеус признава дека иако сака да доаѓа во Македонија и да се чувствува како дома, повеќе би сакал да биде гостин, бидејќи така не би морал да мие садови, нешто што го прави кога е дома.
– Би благодарам што ме поканивте да дојдам и ви благодарам на вниманието кое ми го посветувате. Многу ми е драго што во Македонија се појави екипа која организира концерти и која го препознава она што јас го работам. Иако јас главно сум популарен поради текстовите во моите песни, драго ми е што оваа екипа ја препозна музиката која ја свирам и која е блиска до џезот. Многу ми е драго што ќе свирам и тоа во ист викенд кога ќе свири Денис Чемберс – изјави денеска на средбата со новинарите Рамбо Амадеус.
Тој објасни дека цел живот постои недоразбирање меѓу критиката, организаторот и музиката која тој ја свири.
– Постојано ме ’буткаа’ во рокенрол, но да се биде остарен рокер не е баш забавно. Но, да се биде стар џезер – е тоа е нешто сосема друго. Кога бев мал во Македонија доаѓав и на плеј-бек. Ќе донесеш касета, ќе излезеш пред луѓето во диско-клуб, отвораш уста, ќе кажеш нешто и сите се задоволни – рече Рамбо.
Тој го претстави и својот секстет со кого ќе настапи вечерва во „Станица 26“.
– Гледам убаво да се облечат пред настап. Ако настапуваме во некое шминкерско место, не им давам да дојдат во патики. Мора да носат чевли, да не се брукаме пред фини гости – вели Рамбо.
Познатиот музичар говореше и за својата музика.
– Целиот живот сакам да бидам дел од меинстримот за да имам повеќе пари, но не ме пуштаат. Мој најголем успех е тоа што почнаа да викаат да бидам гостин по џез-фестивалите. Не знам, можеби треба косата уште треба да ми побеле, за да почнат да ме сфаќаат сериозно. Музиката што јас ја создавам уште не е меинстрим, иако јас тоа би сакал да биде. Можеби еден ден ќе стане меинстрим она што јас го работам –вели Рамбо Амадеус.
Утре вечер, на 30 ноември исто така во „Станица 26“, со почеток во 22 часот „во организација на „3Гонга“ ќе настапи трио формацијата „Trace Elements“ на прочуениот Paolo Di Sabatino со познатиот американски тапанар Dennis Chambers. Ова е трето доаѓање на Чемберс во Скопје. Првиот пат настапи со англискиот гитарист Јohn Мclaughlin и еднаш на големиот концерт со Сантана. Легендарниот тапанар кој настапуваше со најголемите имиња од светската музичка сцена, заедно со Паоло Ди Сабатино и Христијан Галвез ја завршуваат својата европска турнеа токму во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.