Расколот во христијанскиот свет, кој трае речиси еден милениум меѓу следбениците на Исус, создаде не само теолошки, туку и литургиски и обредни разлики. Илјада години по Големата шизма, кога дошло до разединување на источната и на западната црква, повторно се раѓа иницијатива за обновување на односите меѓу двете цркви, кои треба да придонесат за враќање на христијанското единство.
Појавувањето на цариградскиот патријарх Вартоломеј Први на инаугурацијата на папата Франциск се смета за еден од најсилните гестови што укажуваат на расположението кое владее меѓу Истокот и Западот за обновување на односите. На свечената церемонија имаше делегации од повеќе од 20 православни цркви и егумении, но присуството на патријархот е од историско значење за целиот христијански свет. Неговиот потег се смета за храбар чекор во унапредувањето на односите меѓу православната и католичката црква, кој би можел да има трајно значење затоа што првпат во историјата еден цариградски патријарх присуствува на устоличување на поглавар на Римокатоличката црква.
– Прво и најважно е тоа што претставува моќен симболичен гест за каузата на христијанското единство. Христијанскиот свет е поделен толку долго што воспоставувањето ново единство бара храброст, лидерство и понизност. Исто така, бара и заедничка верба и грижа. Со Божја помош таа заедничка цел може да се трансформира во посуштинска теолошка соработка. Но, таквата работа бара прв чекор, а по сѐ изгледа патријархот Вартоломеј сака да го направи токму тоа – смета доктор Џорџ Демакопулос од православниот научен центар на Универзитетот „Фордам“.
Во црковниот свет потегот на Вартоломеј се толкува како меѓусебно признавање на двете цркви, што е од огромно значење. Дека постои сериозна волја за помирување на двете страни покажа и фактот што Вартоломеј за целиот престој во Рим беше придружуван од копретседателот на Комисијата за дијалог меѓу двете цркви.
– Настанот секако е уникатен затоа што се случува по точно 959 години откако Рим и Цариград ја прекинаа комуникацијата во 1054 година – јави „Радио Ватикан“ во известувањето за инаугурацијата на папата Франциск.
Патријархот веќе подолго време гласно се изјаснува за постигнување единствно меѓу католичката црква и 14-те православни цркви. Вартоломеј успеа да воспостави добри односи прво со папата Јован Павле, а потоа и со папата Бенедикт Шеснаесетти со кого размени и „бакнеж за мир“ за време на една литургија во католичката црква во Истанбул. Двајцата поглавари во 2006 година потпишаа заедничка изјава со која се охрабри меѓународната теолошка комисија формирана од врвни католички и православни теолози за да ги придвижат напорите за дијалог и за разбирање. За време на минатомесечната инаугурација, новиот папа одговори на пораката на патријархот испратена со самото негово присуство, нарекувајќи го Вартоломеј „мојот брат Андреј“, референца искажана во чест на патронот на Цариградската црква, Свети Андреј. За време на престојот во Рим, патријархот, исто така, го поканил папата да му се придружи на прославата во Ерусалим, каде што ќе се одбележат 50 години од историската средба меѓу папата Павле Шести и патријархот Атенагорас. Сите овие гестови на поглаварите на двете раскарани христијански цркви оставаат впечаток дека двете страни се подготвуваат да го направат одлучувачкиот чекор за историското помирување меѓу католичкиот и православниот свет и, конечно, воспоставување единство во христијанството. Првиот меѓу еднаквите, како што го нарекуваат Вартоломеј, верува дека ќе има помирување. По враќањето од Рим, тој изјави дека ќе биде постигнато единство, но тоа, најверојатно, нема да се случи за време на неговиот живот.
– Дијалогот со католиците е еден од нашите приоритети, а патот за помирување е пат без враќање – изјави патријархот.
По што се разликуваат католичката и православната црква?
Основната причина за разделувањето на црквите е борбата меѓу римските папи и цариградските патријарси за врховната власт. За расколот помогнале и постојаните разлики меѓу западната и источната црква во обредите и во организацијата. Примарните причини за Големата шизма биле спорови поврзани со папскиот авторитет. Папата тврдел дека има авторитет над четирите источни патријарси, додека четирите источни патријарси тврделе дека приматот на римскиот патријарх е само почесен, и тој има авторитет само над западните христијани.
Учењето за филиокијата, која е најголемата причина за разединувањето, папскиот примат и догмата за папската непогрешливост се најголемите, но не и единствените разлики меѓу источната и западната црква поради кои сѐ уште е невозможно повторно обединување. Анатемите од Големиот раскол од 1054 година беа повлечени во 1965 година од патријархот Атенагор и од папата Павле Шести. Тогаш е формирана заедничка комисија од истакнати теолози со задача да ги приближат разликите на двете цркви. На десеттото собрание на комисијата, кое се одржа во градот Равена во октомври 2007 година, беше усвоен документ со 46 точки, кој е означен како темел на обединувањето на католиците и на христијаните. Во тој документ, кој треба да биде прифатен од сите православни цркви, папата е дефиниран како прв меѓу патријарсите низ светот повикувајќи се на позицијата на римскиот бискуп во првите илјада години од христијанската црква. Но, и покрај согласноста на православните и на католичките теолози, остануваат крупни разлики во сфаќањето на привилегиите што ги носи првенството на папата во христијанскиот свет. Меѓу православната и католичката црква во текот на изминатите илјада години настанале големи теолошки, литургиски, но и обредни разлики. Луѓето најчесто ги забележуваат разликите во начинот на крстење на католиците и на христијаните. Други леснозабележливи разлики се тоа што католичките свештеници не носат брада и не смеат да се женат, а олтарите во храмовите кај православните храмови задолжително се свртени кон исток, што не е случај со католичките храмови.
Што е филиокве?
Според древното учење на Христовата црква, Светиот дух, третото лице на светите тројца, излегува од Богот Отец. Тоа учење го санкционира Вториот вселенски собор во осмиот член на симболот на верата, на кој присуствувале сите претставници на црквата. Со текот на времето, на Запад почнало да се јавува ново учење, прво за Шпанија, дека Светиот дух излегува и од Синот. Таквото учење било осудено и на Истокот и на Западот. Сепак, учењето од Шпанија се шири по целата западна црква и во почетокот на 11 век, околу 1014 година, за време на владеењето на папата Бенедикт Осми, а по настојување на германскиот цар Хенрик Први, тоа учење било воведено во симболот на верата на Римокатоличката црква. Тоа предизвикало огорченост на Истокот, па во времето на патријархот Михаил Керулариј во 1054 година дошло до Големиот раскол по кој Римокатоличката црква се отцепила од православната црква.
ОСНОВНИ РАЗЛИКИ МЕЃУ ДВЕТЕ ЦРКВИ:
Симбол на верата
Католицизам Сметаат дека произлегува од Отецот и од Синот (на латински филиокве).
Православие Сметаат дека произлегува само од Отецот (се смета за погрешно верувањето дека Светиот дух излегува и од Синот).
Папскиот примат
Католицизам Папата е неприкосновен водач на Црквата и духовен наследник на Свети Петар.
Православие Папата има само симболично првенство над другите епископи.
Догма за непогрешливоста на папата
Католицизам Догмата за папската непогрешливост е усвоена од првиот Ватикански собор.
Православие Со Црквата раководи Светиот дух преку соборот.
Богослужба
Католицизам Миса без молитва на Светиот дух – епиклеза.
Православие Света литургија.
Причестување
Католицизам Причестување се прави само со нафора.
Православие Причестување се прави со нафора и со вино (со крвта и со телото на Христос).
Леб за причестување
Католицизам Лебот е направен без квасец.
Православие Лебот е направен со квасец.
Крштавање
Католицизам Крштавањето и миропомазанието се одвоени.
Православие Светата тајна – крштевањето се одвива со миропомазание.
Брак
Католици Црквениот брак не може да се разведе.
Православие Црквениот брак може да се разведе.
Целибат
Католицизам Целибат и за монасите и за свештениците.
Православие Свештениците имаат право да се женат.
Чистилиште
Католицизам Чистилиштето е место каде што непокајаните грешници по смртта имаат шанса да се покаат.
Православие Не се признава чистилиште.
Безгрешно зачнување
Католицизам Света Ана безгрешно ја зачнува Пресвета Богородица (исто како што е зачнат и Исус Христос).
Православие Пресвета Богородица, која е родена по природен пат од Јоаким и од Ана, била подложна на прародителскиот грев како сите други.
Зошто Велигден се слави на различен датум?
Велигден е еден од најголемите христијански празници и има променлив датум. Католичката и православната црква имаат разлики и во врска со начинот на кој се утврдува датумот за прославување на Христовото воскресение. Најголемиот дел од православните цркви, меѓу кои и Македонската православна црква, се водат по Јулијанскиот календар, додека католичката црква го употребува Грегоријанскиот календар. Православните го слават Велигден според правилата утврдени на Вселенскиот собор одржан во 325 година – секогаш во првата недела по пролетната рамноденица на 21 март (може да биде и 20 и 19 март) и по полната Месечина, која паѓа на 14. ден од лунарниот месец. Велигден, исто така, не смее да се слави во исто време со еврејскиот празник Пасха, ниту, пак, пред него. Доколку Христовото воскресение паѓа пред Пасха, тогаш христијанскиот празник ќе се одложи за првата недела по следната полна Месечина. Ако повторно се совпаѓа, пак се одложува за една недела, но не подоцна од 8 мај. Поврзаноста со празникот Пасха е во верувањето дека тајната вечера (Величетврток) се случила на овој празник, па така Велигден мора да биде после него. Пресметано е дека празникот над празниците може да падне дури на 35 датуми во периодот од 22 март до 8 мај. За одредување на датумот кога ќе се слави Велигден во католичкиот календар се почитуваат следниве услови: датумот да биде по пролетната рамноденица на 21 март, во првиот ден од неделата по полна Месечина, но не се одложува ако се совпадне со Пасха и не може да биде по 25 април. Некогаш датумите се совпаѓаат, па така и католиците и православните заедно го слават Велигден. Таков ќе биде случајот следната година кога Велигден и за западната и за источната црква се паѓа на 20 април.
(Текстот е објавен во 35. број на Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст