| четврток, 6 декември 2018 |

Синот на Пабло Ескобар: Да не се мешаше во политика, мојот татко денеска ќе беше жив

Хуан Пабло Ескобар најстариот син на најбогатиот колумбиски нарко-дилер Пабло Ескобар, пораснал во луксузни куќи каде слонови и зебри слободно се шетале во дворот. После смртта на неговиот татко и пропаѓањето на царството со кокаин, морал да го промени името и да побегне од Колумбија во 1993 година.

И покрај се, тој вели дека му се восхитува на својот татко кој и понатаму го сака.

„Живеевме како во Дизниленд. Жирафи, слонови, мотори, се можевме да правиме и на се можевме да трошиме пари. Бев подготвен да умрам за него. Не постоеше шанса да можам било како да го мразам својот татко, бидејќи не бев во целост сигурен што работи“, раскажа Хуан Пабло за информативниот магазин 60 Minutes.

Стотици милиони долари

Пабло Ескобар пораснал во сиромашно семејство на периферијата во градот Меделин. На врвот на трговијата со кокаин во САД, се претпоставува дека најмоќниот светски дилер заработувал околу 420 милиони долари секоја недела.

На почетокот на злогласната кариера Ескобар управувал со своето наркоцарство од длабоките колумбиски џунгли. На почетокот на кариерата го нарекувале Робин Худ од Колумбија, бидејќи огромна количина на пари давал на сиромашните во Меделин.

Нарко босот со речиси безгранични амбиции, Пабло Ескобар, во еден момент одлучил да се впушти во политичките води.

„Тоа беше најлошата одлука во неговиот живот. Еднаш кога тој влезе во политиката сите започнаа да му обраќаат внимание“, вели Хуан Пабло.

Неговиот син е сигурен дека неговиот татко и денес би бил жив само да не влегол во политиката.

Успешно бегал од полицијата

Пабло Ескобар успешно избегнувал атентати, полициски рации, а неколку пати бегал и од затвори. На 2 декември 1993 година убиен е во судир со колумбиската полиција.

Хуан Пабло вели дека само десетина минути претходно разговарал со него, а после смртта на својот татко го најавил продолжувањето на картелот Меделин и семејниот бизнис на трговија со дрога. Набргу го променил мислењето и вели дека одлучил да се занимава со помирни работи.

„Десет минути после смртта на мојот татко бев многу лут, но уште десет минути потоа им се јавив на новинарите и им кажав дека нема да продолжам по стапките на мојот татко. Од тогаш живеам мирно секој ден“, вели Хуан Пабло.

Тој станал архитект, се преселил во Аргентина, а дури во последните неколку години одлучил да збори за својот татко. Вели дека не го одобрува криминалниот живот на Пабло Ескобар, но дека секогаш ќе го брани својот татко од обвиненијата дека бил лош родител.

„Не се гордеам со насилството, но се гордеам со неговите чувства кон мене. Љубовта кон мојата мајка и мојата сестра. Правеше некои работи поради кои го сакаа, правеше некои работи поради кои не го сакаа, но тој е мој татко“, вели Хуан Пабло.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top