| четврток, 6 декември 2018 |

Путин ги повика земјите да го уништат хемиското оружје

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги повика сите земји да го следат примерот на Русија и да ги уништат своите залихи на хемиско оружје.

– Ги повикуваме земјите кои имаат хемиско оружје да го следат нашиот пример и направат напори наскоро да ги отстранат своите преостанати залихи, а земјите кои се надвор од меѓународната и правна рамка на конвенцијата веднаш да им се придружат, рече Путин.

Рускиот претседател ги поздрави делегатите на 22. заседание на Конференцијата на држави учеснички на Организацијата за забрана на хемиско оружје, преку соопштение објавено денеска на страницата на Кремљ.

Путин рече дека последната серија на руското хемиско оружје е уништена на 27 септември, нарекувајќи го тоа „важен чекор кон поодговорен и постабилен свет“.

– Сигурен сум дека со покажување силна политичка волја ќе ја постигнеме нашата заедничка цел за создавање свет без хемиско оружје, истакна Путин.

Инаку, 22. заседание на Конференцијата на држави учеснички на Организацијата за забрана на хемиско оружје почна денеска во Хаг и ќе трае до 1 декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top