| четврток, 6 декември 2018 |

Села не го дава лесно Здравство – ги бара Образование или Транспорт

Министерството за здравство се најде на средина меѓу Алијанса за Албанците и СДСМ. Коалициските партнери се без договор кој ќе го добие овој ресор. Канал 5 повикувајќи се на извор од партијата на Зијадин Села објави дека Здравство е посакуваниот ресор и имаат добра кадровска понуда за ова место. Но, исто така биле свесни дека и кај социјалдемократите имало расположение да постават свој кадар.

Од Алијансата за Канал 5 изјавиле дека се подготвени на компромис да се откажат од Здравство доколку им се понуди место во министерство со иста тежина како Образование, Транспорт или пак Труд и социјална политика.

Коалициските партнери иако ги интензивираа контактите се уште немаат договор за идниот распоред во владината коалиција. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на синоќешниот централен одбор пред сопартијците информирал дека се водат разговори со коалициските партнери и најавил одлуки до крајот на овој месец. Заев вчера изјави имал средби и со лидерот на Алијанса за Албанците и со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, но се уште не постигнале договор околу отворените позиции.

„Се работи за многу сериозен ресор. Реков дека до крајот на месецот ќе гледаме да ги донесеме одлуките. Десет дена откако се официјално прогласени изборите за завршени, интензивно преговараме. Секој момент го користам, час поскоро или ден поскоро да го избереме и ова министерско место и да го пополниме испразнетото министерско место за странски инвестиции, како и заменик министерот кој стана градоначалник на Чаир“, рече Заев.

Вкупно три министерски позиции остана празни по локалните избори. Токму изборите и реториката меѓу Алијансата и ДУИ за време на кампањите предизвика турбуленции во владината коалиција и се процесот на именување нови министри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top