– Одлуката ја донесовме едногласно и всушност беше многу едноставна, рече по состанокот на врвот на партијата нејзиниот претседател Грегор Вирант.
Причината е што премиерот Јанез Јанша не одговори на барањето на партијата во рок од десет дена да поднесе оставка по објавениот корупциски скандал и неговата Словенечка демократска партија да предложи нов мандатар на владата.
Антикорупциската комисија во Словенија објави извештај во кој се наведува дека Јанша и градоначалникот на Љубљана Зоран Јанкович го кршеле Законот за сузбивање на корупцијата и интегритетот на државните функционери. Тие исто така на комисијата не и’ ја пријавиле својата имотна состојба и состојбата на банкарските сметки.
Партијата Граѓанската листа има двајца министри кои во понеделник ќе ја напуштаат Владата. Тоа се министрите за финансии Јанез Шуштерчич и министерот за јавна управа Сенко Пиличанич. Вирант рече и дека истиот ден ќе поднесе оставка на местото претседател на словенечкиот Парламент.
Со ова се продлабочи политичката криза во Словенија, па во земјата веројатно ќе се одржат предвремени парламентарни избори, по оние од пред 14 месеци, бидејќи заминување од владата веќе најавија и Демократската партија на пензионерите и Словенечката народна партија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.