| четврток, 6 декември 2018 |

А кој ќе се грижи за манастирот?

Михајло Маневски

Насловот на ова колумна го презедов од книгата МАКЕДОНИЈА – НЕЈЗИНИТЕ НАРОДИ И НЕЈЗИНАТА ИДНИНА на ХЕНРИ Ноел БРЕЈЛСФОРД, издадена во Лондон 1906 година. Авторот на ова епохално дело во својство на секретар на Македонскиот помошен комитет на Балканскиот комитет од Лондон, во хуманитарна акција за дистрибуирање на помош на македонскиот народ престојувал во Македонија неколку месеци од есента 1903 година, веднаш после крвавото задушување на Илинденското востание. Престојувал во повеќе краишта на Македонија и најповеќе во Битолскиот вилает, кој најжестоко настрадал во одмаздата на турскиот башибозлук.

Во посебно поглавје во книгата – Православна црква, на самиот почеток авторот наведува: “ Во една дива долина во северна Македонија се наоѓа селце кое под покривите од слама и дотраените зидишта, засолнува толкава беда и толку жилавост што не може воопште да се сретнат некаде во современа Европа”. Како робови селаните работеле за нивниот господар-бегот, гладни и страдни. Гледајќи ја таа беда, ги запрашал селаните зошто остануваат тука и зошто колективно не се исселат и појдат во некоја земја каде ќе можат да бидат побогати и посреќни. Селаните зачудени од прашањето му одговориле: “ A кој ќе се грижи за манастирот, ако го напуштиме?“ Турците ќе го запленат. Кога го видел манастирот, видел дека не бил со некоја посебна архитектура или со богати икони, туку бил една обична малечка капела со неколку груби споредни градби. Натписите на словенско писмо покажувале дека потекнува уште пред освојувањето. Зошто бил важен манастирот?

Манастирот единствена врска со минатото

Манастирот бил единствената врска со минатото, а селото било подготвено да го трпи секојдневното понижување, работа без престанок и безнадежна сиромаштија, за среќно и задоволно да си ја исполни својата должност: ’’Да ги заштити од уништување тие историски камења и да ги одржува да горат малите пламенчиња што го поцрниле иконостасот со побожноста на вековите.“ Оваа страст кон Црквата преставувала единствен идеален елемент во животот на селото и негова единствена грижа што ја надминувала онаа за храна и облека.
Колку повеќе човек научува за македонските селани, толку повеќе сваќа дека чувството на ова село го споделуваат сите останати, заклучува авторот. Тие искажуваат верност кон Црквата, не само поради осмисленото или традиционално верување во нејзините начела, “ туку повеќе поради тоа што одметнувањето од неа вклучувало одречување од сопствената националност и предавство на каузата на сопствениот народ.” Колку силна била таа непоколеблива врска меѓу народот и Црквата.

При посетата на разурнатите села, наведува авторот, селаните секогаш го воделе да ја види изгорената или ограбена Црква. Нејзиното уништување многу повеќе ги погодувало, одколку загубата на сопствените домови. Во секое село не преколнуваа да издвоиме барем дел од средствата за помош за обновување на Црквата. Просечниот селанец повеќе сакал да му ја обновиме Црквата дури и по цена на враќање на дел од храната и облеката што сме му ја дале.
Така било во есента 1903 и во наредните години или точно пред повеќе од 110 години, како што запишал 33 годишниот англиски хуманитарец Х.Н. БРЕЈЛСФОРД во својата книга. За македонските селани Црквата во суштина била национална организација која ги потсетувала на славното минато.

Народот сиромав, но жилав, ги штител од уништиување историските камења и ги одржувал да горат малите пламенцичња што го поцрнеле иконостасот со побожноста низ вековите. Се грижел за манастирот кој бил негова единсрвена врска со минатото и тоа чувство било посилно од страдањата и сиромаштијата.

Што се случува денес?
Денес за голема жалост, се преземаат чекори и се прават невидени злодела да се скинат сите врски на македонскиот народ со минатото. Се прават срамни обиди да се урнат до темел историските камења и да згаснат малите пламенчиња што гореле низ вековите.

Се подготвува ново име на државата. Зоран Заев тоа го соопштува онака лежерно, бесчувствително и крајно неодговорно, како шверцер кој нуди безвредна стока, како да се работи за менување на име на некое куче, а не за менување на вековното име на една држава и на еден народ. Со тоа потври дека патриотизмот не е одлика и СДС не е патриотска партија. А каква партија е, предавничка? За жал, тоа предавство секојдневно се потвдрува. Се потврдува тоа што пред толку години го запишал Х.Н. БРЕЈЛСФОРД, дека одметнувањето од историските корени значи одрекување од сопствената националност и предавство на каузата на сопствениот народ.

Предавство на каузата на сопствениот народ

Со еден едностран срамен Договор за добрососедство и соработка со Република Бугарија се врши предавство на македонскиот јазик, на македонскиот народ, се удира по светото минато и вековната борба за слобода, други да ни пишуваат нова историја, од учебниците да се бришат сите содржини кои имаат најмал призвук на патриотизам, историја, борба за правда и слобода, култура и традиција, слики, карти, песни, ора и фолклор.

Покрај најавата за затворање на музејот на Македонската револуционерна борба поради “ступидната бестијалност на неговите „експонати“, ревизија на музејските поставки и нивно чистење од наводен иредентизам и бришење на нашата историја и борба низ вековите, рушење на споменици на историски дејци и настани и спомен обележја и чистење од сè што е македонско и патриотско, еден ништожник и интригант во еден портал јавно објави повеќе стотици наслови од народни песни кои ги споредува со оружје за масовно убиство?!.

Текстовите на тие песни ги квалификува ”како психијатриски дневник со ретарди”. Во тој ”психијатриски дневник” ги наведува песните: Бојот започна горе Крушево, Оган го гори Брезово, Заплакало е Мариово, Крушево абер пристигна, Земјо Македонска, Црна се Чума зададе, Црно му било пишано на Александро Турунџев, Ја излези Ѓурѓо, 1762 лето, Ми товарил калеш Дончо три товари ориз, Македонско име нема да загине, Народе Македонски, Болен ми лежи Миле Поп Јорданов, Кога падна на Пирина ранет Јане Сандански, Море сокол пие вода на вардарот, Ордан седи на кулата, Послушајте патриоти, Не плачи мајко не жалај, Сардисале Лешочкиот Манастир, Со векови окована во пранги, Со маки сум се родила и сторици други песни испеани од народот низ вековите на мрачното минато во борбата за слобода. Ја наведува и песната Проклети да се предавниците, која на овој ништожник најдобро му прилега.
Го нападнаа и поетот кој ја напиша поематае за свирепото убиство на 12 младинци од Ваташа во 1943 годинa во месноста Моклиште. Моклишко горе…….

Откажување од македонскиот народ и македонскиот јазик

Зоран Заев срамно се откажа од македонскиот народ во Пиринска Македонија и од неговите права како малцинство да ги ужива елементарните човекови права, што е невиден идентитетски геноцид. Наспроти тој срамен чин, градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, тешко болен го фрлија да гние во затвор без причина, а потоа со закон е признато непостоечко бугарско национално малцинство во Албанија, со што македонците во Преспа треба да се прикажат како Бугари.

Македонија е сардисана од сите страни и врз неа се нишани со сите средства. Државата ја добивме со борба и многу жртви низ вековите, а ја губиме на маса од предавници и протуви кои работат за туѓи интереси против сопствениот народ и сопствената држава.

Додека Зоран Заев и неговата врхушка го туркаат овој понижувачки срамен договор како голем успех, во соседна Бугарија се повампирија и како змии отровници се дигнаа разни наводни историчари, лингвисти и политички националисти, кои жестоко се нафрлија и бесрамно негираат сè што е македонско. Додека БАН е во голема офанзива, нашата МАНУ и академици од соодветни одделенија, мудро молчат. Кога ќе проговорат? Институтот за бугарски јазик при Бугарската Академија на науките, преку бугарската лингвистка во институтот Ана Кочева, јавно објави дека имаат ново гледиште за карактерот на “јазичната практика во Македонија”. Според бугарските лингвисти, македонскиот јазик е “деструктуриран книжевен бугарски јазик”. Од наводните анкети што ги спровеле утврдиле дека 91% од бугарите сметаат дека не постои македонски јазик.

Комплетна капитулација и предавство

И што е ова, ако не е комплетна капитулација и комплетно предавство на Македонија и на македонскиот народ. Пред очите ни се руши државата од Зоран Заев наместен премиер со сомнителни морални и политички стандарди и неговата врхушка во служба на туѓи интереси. Се гази по коските на стотици илјади жтрви погубени низ вековите за самостојна, независна и слободна Македонија.
Кога тие бесрамници во одредени пригоди одат да ги посетат спомениците и спомен обележјата од минатото и да постават букет цвеќе полн со отров и подбив, барем лицемерието да го остават зад врата. Што ќе им кажат на своите деца, на своите внуци, како ќе ги погледаат во очи, кога го газат и ништат делото на нивните предци, на плејада борци кои го положиле животот за слободна Македонија. И сега кога со судни маки тоа го постигнавме се губи од раце и се предава за туѓи интереси.

Единството е силата на Македонската православна црква

Без официјално објаснување за испратеното писмо, се јавија лавина реакции. Се поставуваат многу прашања: колку мајки може да има МПЦ ?, како може БПЦ да стане мајка на МПЦ?, чија е идејата за овој контраверзен потез?, овој луксуз на МПЦ сега можеби не и требаше?, што значи изјавата на г.Наум дека ние сме биле дел од Бугарска Егзархија и многу други прашања.
Еден бугарски “експерт” во дебатна емисија се прашува како може мајката да не си го сака сопственото дете? Во бугарската јавност се дебатира со виден триумфализам. Се бара позитивно решенио по поднесеното писмо, со што се постигнуваат вековните цели на Бугарите и на БПЦ. Кај нас владее скоро подполн молк. Зошто?

Во овие денови од највисоката научна институција БАН се објавува дека не постои ниту македонски народ, ниту македонски јазик. Македонскиот јазик бил ”деструктуриран книжевен бугарски јазик”. Овој антимакедонизам никогаш не престанал во Бугарија. Сега само се разгоре пламенот со срамниот Договор за добрососедство и соработка.

Во контекст на овие состојби, кога не се признава ниту македонски народ, ниту македонски јазик, на кого БПЦ ќе биде мајка, на бугарите во Македонија? На Македонската православна црква единствена мајка е Свети Климентовата Охридска Архиепископија. Ние друга мајка немаме. Нашиот вруток е непресушниот извор на Свети Климентовото слово кое го одржувал овој народ низ вековите, го одржува денес и ќе го одржува и во иднина.
А кој ќе се грижи за манастирот? Манастирот и светите историски камења и племенчињата кои гореле низ вековите и натаму ќе ги чуваат македонските селани, македонскиот народ, така како што тоа го правеле пред 110 години и низ вековите. Тоа е нашата сила за нашата иднина.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top