| четврток, 6 декември 2018 |

Илија Чашуле: Бугарите сакаат Македонците со декрет да се откажат од јазикот

Професорот на Институтот за македонски јазик од Универзитетот „Маквори“ во Сиднеј Илија Чашуле го искажа на социјалните мрежи својот став во врска со контроверзното интервју на доцент Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик кое ја разбранува македонската јавност. Според професор Чашуле, Кочева, покажува непознавање од науката за јазикот и ги повторува бугарските ставови, кои не се прифатени никаде во светот. Според професорот ставовите на бугарските експерти го оправдуваат стравот на македонската јавност кој постоеше од потпишување на договорот со Бугарија.

„Сѐ поголем број на експерти го потврдуваат негаторскиот однос на Бугарија кон македонскиот јазик и народ. Бугарските таканаречени експерти пак по потпишувањето на договорот за добрососедство го покажуваат своето вистинско лице и го оправдуваат стравот кој постоеше во јавноста од овој договор“, пишува Чашуле.


Професорот со низа на факти ги деконструира лагите на Кочева и ставовите на официјална Бугарија.

„Кога Кочева вели дека досега бугарските научници биле во заблуда, а сега се освестени, тоа е уште една невистина која еден научник не смее да си ја дозволи. Воопшто искажувањата на Кочева покажуваат недостаток на елементарни познавања од областа на науката за јазикот (на пр. не прави разлика меѓу јазик и дијалект, терминот „деструктуиран” јазик не постои во науката и сл.), што покажува дека бугаристиката е во криза“.

Во врска со ставот на Кочева дека македонскиот е фалсификуван бугарски јазик, Чашуле потенцира дека во сите светски и славистички и балканолошки асоцијации, научни списанија, конгреси, класификации на јазиците, етимолошки речници, споредбени проучувања, докторски дисертации, во Општословенскиот лингвистички атлас и сл. македонскиот е полноправно признат. Значи тој став е само бугарски.

„Уште еден ненаучен и невистинит став на д-р Кочева’’, вели професор Чашуле.

За Чашуле е нејасно како Кочева не прави разлика меѓу стандардизација и кодификација на еден јазик. Македонија и македонскиот народ со жар и љубов го имаат прифатено македонскиот јазик, на македонскиот јазик е создадена извонредно богата литература, а да бил фалсификуван јазик на него немало да можат да се напишат и преведат стотици илјадници капитални дела од светската книжевност, додава тој.

Во последно време, а особено по потпишувањето на овој очигледно штетен договор за Македонија, бугарските националисти го напаѓаат македонизмот од сите страни. Застрашувачки е фактот што според еден бугарски портал дури 72 проценти од бугарите не го признаваат ниту македонскиот јазик, ниту македонската етничка припадност. Договорот за добрососедство помеѓу Бугарија и Македонија, Бугарите очигледно гледаат како договор за асимилација на македонскиот народ, нешто што со векови се обидувале да го сторат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top