| четврток, 6 декември 2018 |

Ванковска: Одговорност од Шекеринска, Џафери и Груби за европското знаменце на Законот за јазиците

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, пратеникот Артан Груби ја одложи шестата седница закажана за утре, на чиј дневен ред беше второто читање на Законот за употреба на јазиците. Груби изјавил дека ја откажал седницата за да нема дефокусирање од тоа што во моментов е најзначајно и итно.

По вчерашната средба со премиерот Зоран Заев еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ѝ порача на Владата дека не е приоритетен и не е од национален интерес. Владата треба да се фокусира на реформските приоритети кои се услов за преговори со ЕУ.

-Мислам дека ова е разумно барање, но како што кажав и во билатералните разговори денеска, мислам дека властите треба да направат приоритет, да ги определат како приоритетни оние области каде што ќе добијат позитивни оценки. Ако се усвои законот за јазик во следните неколку недели, врз основа на препораките од Венецијанската  комисија тоа е во ред, меѓутоа е важно Владата и другите фактори во земјата да се фокусираат на законите и условите релевантни за добивање позитивна препорака. Законот за јазици не е дел од она што е договорено во овој контекст, рече Хан.

„Ако е точно дека постапката за Законот за јазиците е запрена поради укажувањето на Хан дека таа материја не може да оди под европско знаменце, а и дека е прекршена деловничката процедура, се поставуваат (најмалку) два сериозни прашања за одговорноста. Прво, како еден од потписниците/подносителите на Законот се наоѓа и потпретседателката и министерката Шекеринска – како можела бивша вицепремиерка за евроинтеграции да не знае што е закон со европско знаменце, и зошто го дозволила тоа (овде станува збор, сепак, и за угледот на Унијата и употребата на нејзините симболи за да се „протне“ внатрекоалициски/етнички договор). Второ, мора да се постави прашање за одговорноста на претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој согласно деловникот имал ДОЛЖНОСТ да не го пушти законот во процедура поради ненаведување на конкретна европска директива, како што се бара. И се разбира, одговорноста на претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби. На ова укажуваше дел од експертската јавност (јас пишував во колумни, исто така), а и опозицијата. Ако Хан ги укорил, и ако е тоа причината за запирањето, мора да следува политичка одговорност – затоа што земја која сака интеграција во ЕУ не може да ја злоупотребува Унијата за други цели и да ја компромитира, притоа кршејќи го принципот на владеење на правото“, смета универзитетската професорка Билјана Ванковска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top