Порталот Фактор утрово објави дека бизнисменот Субрата Рој за хотелот Славија платил нешто помалку од 5 милиони евра. Зделката, како што веќе објави Фактор беѓе реализирана вчера, веднаш по пристигнувањето на Рој во Охрид.
Дека индиската компанија Сахара Индија Паривар на чело ја купи Славија, за Фактор потврди досегашниот сопственик на хотелот Владо Рувинов.
“Точно, индискиот бизнисмен Субрата Рој стана сопственик на хотелот Славија. Можам да кажам дека четиримесечните последни преговори вродија со плод. Субрата Рој дефинитивно го купи хотелот со најубава локација на Охридското крајбрежје. Сакам да искажам огромна благодарност до премиерот Груевски, до министерот Ставрески и до директорот Виктор Мизо за се што до сега направија, што во земјава донесоа сериознен инвеститор како Субрата Рој. Со ова, но и со реализацијата на грандиозниот проект на Субрата Рој во Љубаништа мислам дека ќе се прероди и Охрид и Македонија“, изјави за Фактор Рувинов.
Рој го купи хотелот Славија каде што ќе се сместат архитектите и сите инженери кои веќе за половина месец треба да дојдат во Охрид за да ги почнат подготовките за реализација на проектот „Сахаријан Македонија“.
Индискиот биснисмен ќе ја посети локацијата во Љубаниште со површина од околу 240 хектари, каде што треба да се изгради специфичен пловечки хотел со казино, пристаниште, голф терен на многу високо ниво, спа центар, вили кои ќе можат да се купат, хотели, конференциски сали, шопинг центри…
Како што неодамна во интервју за Фактор објави Мизо, Субрата Рој планира да воведе и неколку оргинални и ексклузивни содржини односно објекти кои ќе ги има само на Охридското езеро и никаде на друго место во светот.
Се очекува наскоро на прес конференција деталите од продажбата на Славија да ги обелодени самиот Субрата Рој, а пред новинарите ќе се обрати и Министерот за финансии Зоран Ставрески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.