Деновиве, следејќи ги реакциите на јавноста, како и интересот на медиумите за неодамнешното барање до Бугарската православна црква за признавање на автокефалноста на нашата древна Македонска православна црква – Охридска архиепископија, чувствувам потреба јавно да ги соопштам своите лични ставови и несогласувања во врска со ова значајно духовно и национално прашање, наведува во денешното соопштение митрополитот Повардарски г. Агатангел во врска со барањето на МПЦ – ОА до БПЦ.
Моите размислувања на оваа тема, како што додава, се добро познати во јавноста и во повеќе наврати директно и темелно ги имам образложено и на претходните Синодски седници, но и непосредно во неофицијалните разговори со своите браќа архиереи, со своето свештенство и со своите духовни чеда.
– Барањето до БПЦ за признавање на автокефалноста на МПЦ – ОА сметам дека е само уште едно продолжение, една додадена страница од неодамнешниот договор за добрососедство кој го потпишаа македонската и бугарската влада. Овој договор во својата суштина наликува на повоен договор помеѓу победник и поразен. Сé уште не можам да разберам зошто ние без ниту една причина ја прифативме улогата на поразена страна. Веројатно, некоја следна генерација ќе даде одговор на ова прашање. Во ниту една точка од Договорот за добрососедство не е заштитен ниту македонскиот народ, ниту македонските национални интереси и затоа сметам дека ова ќе има далекусежни и погубни последици како за Македонците во Република Македонија, така и за македонскиот народ кој живее и во соседните земји, но и во дијаспората. За жал, со само еден потпис успеавме да згазнеме врз вековните страдања, омаловажувања, негирања и понижувања на македонскиот народ, што бугарската држава систематски ги има вршено и за време на окупацијата, но и потоа при спроведувањето на тивкиот геноцид во Пиринска Македонија, наведува г. Агатангел.
Бугарија, според него, пропушти историска шанса да се извини и да побара прошка за злоделата и ѕверствата кои биле спроведувани од нивните предци. Во контекст на тоа додава дека ова можеше да биде духовен лек и цврст темел на нашето братство и добрососедство.
– Мојата вознемиреност и моите несогласувања околу нашето барање до БПЦ се поттикнати од фактот дека живееме во време кога интензивно се работи на решавање на т.н. „македонско прашање“ кое, како краен резултат треба да избрише сé што е македонско од нашите сеќавања. Ако договорите кои ги потпишуваме го уништуваат националното чувство на македонскиот народ, тогаш тезата за „мајка – црква“ има за цел да го затне изворот и да го затрупа бунарот од кој нашиот народ се напива веќе два милениуми. Денес може некој ќе успее да го покрие македонското национално чувство, но сигурен сум дека нема да може да ја избрише библиската и свештената историја на македонскиот народ. Македонците, христијанството го примиле уште од апостолско време и за ова имаме бројни примери во Новиот завет на Светото писмо, па затоа е апсурдно да се тврди дека некој ќе нé роди во иднина. Нашите великодостојници и интелектуалци кои ја промовираат оваа теза пред петнаесетина години на истиот начин и со истите методи го бранеа Нишкиот договор. Не можеш да бидеш духовен и национален водач ако го повредуваш, понижуваш и разнебитуваш народот, тогаш го промашуваш основниот принцип на духовноста. Некои наши професори тврдат дека ќе имало „Соломонско решение“ на нашиот црковен проблем, кој по правило треба да биде втемелен врз мудроста и правдата. Ако црковното прашање се решава по примерот на договорот за добрососедство, тогаш не може да стане збор за „Соломонско решение“, туку многу повеќе за присила, брзоплетост и наивност. Се плашам дека на сличен начин и врз исти основи ќе бидат водени разговорите со БПЦ. Се надевам дека нема да бидам во право. Сметам дека неискреноста и прикриеното лицемерие ќе доведе до уште едно национално понижување и распалување на неединството кај македонскиот народ што секако задира во доменот на духовноста, па никој нема да може да ме обвини дека се занимавам со гола политика. БПЦ многупати досега можеше да покаже евангелска љубов и духовна величина и одлучно да застане на патот на неправдата и национализмот по кој се тргнати останатите соседни помесни Православни цркви. Доволно ќе беше да се повика на своето негативно искуство при долгогодишното чекање на прифаќањето на нивната автокефалност, вели г. Агатангел.
БПЦ и денес, како што додава, има извонредна можност да стекне огромен углед пред православните христијани во целиот свет и да постави пример на братска љубов на кој долго ќе се сеќаваат нашите потомци. Според него, ако постапуваме врз основа на искрена љубов, меѓусебно почитување и прифаќање, тогаш престојуваме во Христа и ја живееме и ја сведочиме Неговата спасоносна порака. На овие принципи треба да се држи и нашето признавање и нашата автокефалност.
– На крајот би сакал да порачам, македонскиот народ трпеливо, без ширење на омраза и без јад во душата да ги издржи сите искушенија. Праведниот Бог ги штити онеправданите и ги умудрува и охрабрува несилните. Ако можеле нашите црковни патријарси, во услови на отворена општествена негација да соберат сила и храброст да прогласат афтокефалност на МПЦ и да изградат Жива Црква – закрилничка на македонскиот народ, зарем тогаш ние кои што го живееме нејзиниот најслободен период сега отворено ќе ја погазиме оваа одлука и ќе го негираме сиот овој период во кој создадовме многу подобро организирана Црква во однос на некои наши соседски Цркви кои високо мислат за себе и претендираат да породуваат нешто што постои две илјади години, вели г. Агатангел.
Очекувам во иднина, додава тој, сосема неаргументирано и жестоко да бидат напаѓани, понижувани и расчеречувани сите оние кои ќе се осмелат да ги штитат националните и црковните интереси на македонскиот народ.
– Јас, уште сега им простувам на сите напаѓачи и го молам Бога да ги избави од бес и да им го покаже патот на вистинската човечност. Јас и во иднина во доменот на моите духовни сили ќе ги бранам интересите на нашата Црква и на нашиот народ. Слободата на мојата мисла не може никој да ми ја одземе. Сесрдно му благодарам на Бога за тој неизмерен дар, наведува митрополитот Повардарски. г. Агатангел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.