| четврток, 6 декември 2018 |

„Барајќи ги сликите“ филм посветен на Бруно Шулц вечерва во Кинотека на Македонија

Во недела, 19 ноември, во 20 часот во Кинотека на Македонија ќе се прикажува документарниот филм Барајќи ги сликите во режија на Бенjамин Гајслер.

Филмот е приказна за Бруно Шулц – светски познат писател и сликар како и полски Евреин, кој ги преживеал ужасите на германската окупација во градот Дрохобиц во 1941 и 1942 година. Во почетокот на војната тој успеал да преживее единствено заради цртањето мурали за децата на СС-офицерот Феликс Ландо, на ѕидовите од детската соба во вилата, во која тој живеел со своето семејство. Бруно Шулц бил стрелан и убиен од СС-силите на 19 ноември 1942 година. И покрај засилената потрага по Втората светска војна, муралите не биле пронајдени сè до 9 февруари 2001 година кога ги откри режисерот Бенјамин Гајслер. Во мај 2001 година, претставници на Меморијалниот музеј за холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим, Израел ги одзеле парчињата од муралите во Украина и притоа иницирале меѓународен скандал.

Барајќи ги сликите ја документира потрагата, пронаоѓањето и неочекуваното исчезнување на муралите на Бруно Шулц и кој ја составува приказната за еден од најконтроверзните музејски присвојувања во последниве години. „Јад Вашем“ тврдат дека морална обврска е да се зачуваат уметничките дела, додека пак украинските и полските власти велат дека одземањето на муралите е криминал. Но што велат Евреите од Дрохобиц? Филмот овозможува гледачот да го следи режисерот низ прецизно составениот мозаик од познатите и необјавени сведоштва за Бруно Шулц и неговите последни денови.

Бруно Шулц е роден во 1892 година во Дрохобиц, мал град во австро-унгарската провинција Галиција. Тој творел на полски јазик во Дрохобиц и ги отфрлил сите понуди за преселба, чувствувајќи страв дека никаде на друго место нема да биде толку креативен. Лоциран на падините на Карпатските планини, во источниот дел на Галиција, економски и културно разнолик, Дорохобиц е еден од најзначајните средини на еврејската култура во Европа пред Втората светска војна. Најголем број од Евреите во овој регион биле убиени во концентрационите логори Белзец и во шумите на Броника. Барајќи ги сликите ги претставува преживеаните од холокаустот кои го познавале Шулц и го поврзува денешниот свет со поетските и застрашувачки визии опишани во делата на Бруно Шулц.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top