МАРИОНЕТСКАТА ВЛАДА САКА ДА ЈА РЕДЕФИНИРА ДРЖАВАТА, САМО НАРОДОТ МОЖЕ ДА ГО СПРЕЧИ ОВА
Членството во НАТО е нешто што беше во врвот нашите приоритети додека бевме на власт, а и сега. За Македонија е многу важно да стане дел од НАТО Алијансата и дел од ЕУ. Тоа никогаш не било спорно. Ние во 2008 година пред самитот во Букурешт ги бевме исполниле сите услови за зачленување во НАТО, а една година подоцна и за почеток на преговорите за полноправно членство во Унијата, што беше и јавно обелоденето од нивна страна. Сепак, пречка за реалзиација на овој наш стремеж беше нашето име и идентитет.
Името е дел од идентитетот, и намерата е идентитетот да ја следи судбината на името, на еден или на друг начин. Грција не прифаќа да имаме договор кој би го поминале во нивниот парламент, во кој нашиот јазик и националност би се напишале на англиски како „македонски“, односно macedonian. Тоа значи дека не подготвена да го прифати нашиот идентитет, и бара и ќе бара разни форми за тоа да не се случи. Една од тие форми е и во договорот воопшто да не се третира идентитетот преку формата на името на јазикот и нацијата. Тоа кај нас би требало да предизвика радост, поточно да се продаде дека не сме го смениле идентитетот, но, во реалноста нема да е така, затоа што Грција нема да дозволи никаде во меѓународните политички институции да пишува Macedonian за нашиот јазик или нација.
ОВАА МАРИОНЕТСКА ВЛАСТ Е ДОНЕСЕНА, А НЕ ИЗБРАНА ОД НАРОДОТ, ЗА ДА ПОПУШТИ И ГИ ЗАДОВОЛИ СИТЕ, ОСВЕН СОПСТВЕНИОТ НАРОД
Грција, како и цел свет знаат дека ова е марионетска власт која е донесена, а не избрана од народот, со цел да попушти по ова прашање и да направи целосно редефинирање на земјата. Да ги задоволи сите други, освен сопствениот народ. И кога ја знаеш таквата позиција на преговарачот од другата страна, сигурно дека ќе бараш и повеќе.
Планот им е преку заплашувања, притисоци, апсења и поткупи да го решат тоа. Се чини имаат одврзани раце од надворешните фактори да прават што сакаат, ако е со цел да попуштат за името. Народот го чувствува тоа. Ова е висока политика и геополитика, а не терање правда. Планот им е луѓе да гнијат по притвори и затвори, да не излезат од судници, да одговараат за конструирани работи, судиите да судат без докази како што ќе им се каже, медиумите да го оправдуваат сето тоа. Ќе се уништуваат и оцрнуваат личности, семејства, луѓе, партии и се што е на патот на оваа марионетска власт. Само за да се оствари големата геостратешка цел, која за да биде иронијата поголема не е спорна за нас во ВМРО-ДПМНЕ, и напротив е најмалку исто, а и повеќе посакувана отколку во СДСМ, тука мислам на членството во НАТО, само што разликата е во тоа што ние сакаме пофер договор по однос на суштината на спорот со нашиот јужен сосед.
НАРОДОТ МОЖЕ ДА ГИ СМЕНИ НЕШТАТА
Само народот е тој кој може да ги смени нештата. Но, видовме дека неодамна на локалните избори, во една значајна бројка луѓе беа исплашени, изманипулирани, притиснати, уценети, заплашени. Некои и поткупени. Негативната пропаганда која се води повеќе од три години обзема дел од луѓето исто така.
Стратегијата беше нас да не прикажат како нечесни, да ни измислат афери, и да не прогонуваат, за да се реализира зацртаната цел. Во основа ако погледнете низ светот, тоа е практика на многу места кога се има некоја геостратешка цел, и кога на патот некој ќе застане од една или друга причина. Ако некој е се способен и работи за својата земја, или ќе му смислат дека со нешто не ги почитувал законите и со тоа сторил криминал, или сексуална афера, или нешто слично. И треба да е среќен, што е жив.
ОПОЗИЦИЈАТА НЕ Е ВКЛУЧЕНА ВО РАЗГОВОРИТЕ ЗА РЕФОРМИ
Реформите можат многу да подобрат, но ако се промашат може и да влошат и по некое време да се констатира дека биле погрешен потег, па да се оди на нови реформи спротивни од оние кои сега би се усвоиле. Фактот што, да речеме, сега опозицијата воопшто не е вклучена во подготовката на законите од областа на владеење на правото, е прв сигнал дека работите нема да одат во вистинска насока. Вклучени се само експерти кои се страсни и повеќето јавни поддржувачи на СДСМ, или луѓе кои од материјално или кариерни причини, се трудат да чујат што мисли некој преставник на надворешен фактори тоа да го преточи во правна норма, за во иднина пак да биде повикан во некоја работна група каде се плаќа за тоа.
Потоа од страна на владата ќе следи божемна, или лажирана и исконструирана јавна дебата, колку да се спомне дека имало и такво нешто, каде ќе доминираат луѓе за кои однапред знаеш што ќе кажат и зад кого ќе застанат со своите ствавови и потоа ќе се усвојат законите. По некоја година, откако ќе се видат ефектите, ајде „јово наново“. Тоа е Македонија денес.
Меѓународната заедница во минатото има многу помогнато на Македонија при правење на реформите, но да не заборавиме дека и тие знаат да згрешат, особено кога сакаат да копираат закони и правила од други држави без да се навлезе длабоко во локалните специфики и проблеми. А тука, нема кој да им каже дека грешат, бидејќи за партиските експерти на СДСМ ерес е ако укажеш на можна грешка, пропуст или слабост, недостаток или лошо искуство од минатотот за нешто што сега пак се предлага, ако таа иницијатива доаѓа од некој надворешен фактор.
Значи рефорормите треба да продолжат, но со сериозно внимавање да не се направат грешки, широки и реални јавни дебати и консултации, и со искрена намера за движење на земјата напред.
НИЕ ЗА ИМЕТО ЌЕ ИМАМЕ КОНСТРУКТИВНА УЛОГА ДОКОЛКУ ИМА РЕАЛНИ РАЗГОВОРИ, А НЕ КАПИТУЛАЦИЈА И ПРИФАЌАЊЕ НА СИТЕ ПОЗИЦИИ НА ДРУГАТА СТРАНА
Што се однесува до името, ние би можеле да имаме конструктивна улога доколку владата планира реални и суштински разговори, а не капитулација и прифаќање на сите позиции на другата страна. Ако планираат се да попуштат, тогаш не им требаме ние, ниту пак сакаме да сме дел од тоа. За жал, мене работите ми личат дека марионетската власт во Македонија е спремна да прифати се што бара Грција. Буквално се. Како договорот со Бугарија. Нема да има суштински разговори, туку разговори како да се регулираат односите со јавноста во двете земји, во смисла да се контролира и ограничи степенот на триумфализам во Грција, а да се најде начин во Македонија капитулацијата по ова прашање да се претстави како голем успех, со одбран вокабулар, потврда за истотото да дојде од надворешните фактори и меѓународната заедница, дефокусирање на јавноста со други теми и со напад и малтретирање на опозицијата и на сите што мислат различно, зауздување на медиумите во Македонија во правец да го развеселат народот дека нешто многу добро се случило, најава дека ќе дојдат многу грантови и пари, и дека ќе влеземе во НАТО и ќе почнеме преговори со ЕУ. Евентуално може ќе се обезбеди или најави некоја инвестиција, во поткрепа на тоа дека доаѓаат добри времиња. Откако ќе заврши периодот на бајки, најверојатно единствено што ќе остане ќе биде членството во НАТО и почнатите преговори со ЕУ од една страна, и понижувачкото прифатено решение кое го издиктирал нашиот јужен сосед со кое ќе треба трајно да живееме, со чувство на свиткана кичма и променет идентитет и име, за што се води битка 150 години со многу жртви и откажувања на нашите предци.
ДО МАКСИМУМ ЈА ЗЛОУПОТРЕБИЈА ВЛАСТА И НАПРАВИЈА АФРИКАНСКИ ИЗБОРИ
Вашата теза би била многу логична ако имавме фер и демократски избори. Тогаш не би имало дилеми. Да, навистина, пред изборите беа испратени сигнали дека ќе се менува името, беше потпишан договорот со Бугарија со сите штетни елементи во него за Македонија, беше изгласан на влада и беше на расправа во парламентот законот за употреба на јазиците. Дури би додал дека имаше и сигнали за намерата да се прифатат поголем број мигранти на трајно живеење во Македонија, се најавија и зголемувања на даноците а имаше и сигнали за плановите за редефинирање на бракот во смисла на легализирање на хомосексуални бракови и посвојување деца од нив. Ако после ова имавме фер и демократски избори, ако полицијата не станеше активен играч на изборите во полза на марионетската власт, ако не се истуреа милиони евра во поткуп, и ако немаше толкав притисок, закани и уцени кон огромен број гласачи, тогаш јас ќе кажев: ние сме против тоа, но власта доби легитемитет од народот да го прави ова. За жал, СДСМ не остави можност за тоа. До максимум ја злоупотребија власта и направија африкански избори во Македонија.
ЗАКОНОТ ЗА ДВОЈАЗИЧНОСТ СОЗДАВА ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ФЕДЕРАЛИЗАЦИЈА, ЧЕКОР ПОСЛЕДЕН ПРЕД ПОДЕЛБА НА ДРЖАВАТА
Ние на ова многу долго предупредувавме. Не само пред локалните туку и пред парламентарните избори во декември 2016 година. Уште тогаш укажавме дека тоа би било противуставно, дека ги дискриминира другите помали етнички заедници и дека создава простор за уште поголема поделба помеѓу Македонците и Албанците. Таа додатна поделеност, ќе биде потенцијал за движење на земјата кон федерализација, чекор кој е последен пред поделба на државата, а поделбата значи и растурање на државата. Истовремено ние поддржавме да има поголема употреба на јазиците на помалите етнички заедници, но во рамките на општините каде тие се барем 20 отсто. Ние не се плашиме и немаме ништо против албанскиот јазик или Албанците во Македонија. Тие се наши сограѓани, а многу од нив и наши лични и драги пријатели. Нивниот јазик го почитуваме и тоа сме го покажале со многу гестови во минатото, тргнувајќи од првото носење на законот за употреба на јазиците во 2008 година, прифаќањето на Денот на азбуката за празник во Македонија на сите Албанци, подршка на албанската литература и книжевност, преводи на стручни книги покрај на македонски и на албански јазик, создавање на Институт за духовно и културно наследство на Албанците, создавање на нов Универзитет на албански јазик „Мајка Тереза“, и проширување на Тетовскиот универзитет во повеќе општини и на повеќе струки, воведовме и државни грантови од буџетот за Штуловиот универзитет и.т.н. Значи проблемот не е во јазикот или луѓето.
ЗАКОНОТ ЗА ДВОЈАЗИЧНОСТ ЌЕ СОЗДАДЕ ПОДЕЛБИ, ТОЈ НЕ Е ПРИФАТЛИВ ЗА ВМРО-ДПМНЕ
Проблемот е во тоа што и онака Македонците и Албанците живеат едни покрај други, а не едни со други во оваа држава, и што овој закон тоа ќе го продлабочи. Имаме многу малку кохезивни фактори, фактори кои не поврзуваат, помеѓу Македонците и Албанците, а употребата на македонскиот јазик како службен јазик на целата територија е една од главните кохезивни фактори. Кога тоа ќе го нема, кога двата јазика ќе се изедначат и покрај тоа што едниот го говорат само околу 22 отсто, според последниот попис од 2002 година, мислам на албанскиот јазик, македонскиот го говорат над две третини, а и останатите одлично го говорат, тогаш со тек на времето, во следните 20 -30 години нема да можеме да се разбереме меѓу нас, бидејки Албанците, каде и сега тренд е меѓу младите да не се изучува македонскиот јазик, целосно или во најголем дел нема да го учат македонскиот јазик. Двојазичноста на целата територија за жал нема да предизвика Албанците да го учат македонскиот, а Македонците албанскиот јазик, туку секој само својот. Тоа толку многу ќе не раздвои што во еден момент ќе стане многу тешко живеењето во иста земја, а потребата од поделба низ или без процесот на федерализација или кантонизација, природно ќе се наметнува. Тоа не е добро за државата, и ние сакаме Македонија да остане унитарна. Втора работа е што ќе се јават многу практични проблеми во функционирањето во секојдневниот живот независно дали тоа е комуникација со полицијата и војската, лекарите со пациентите, поштите, банкарските шалтери, аптеките и каде ли уште не. Навидум Албанците ќе добијат некое право, и политичарите кои тоа им го овозможуваат ќе имаат краткорочна политичка корист. Но во реалноста, речиси никаква корист нема да имаат граѓаните Албанци, напротив повеќе проблеми и за нив и за сите.
Нивните основни проблеми се поврзани со економијата, животниот стандард и квалитетот на живот, потребата од нови работни места и повисоки плати, инфраструктура и подобро управување на државата од правен аспект. Овој закон нема да им го подобри животот во ниту еден од овие нивни приоритети. Знам дека сега не ми веруваат на ова, но ќе дојде време кога ќе веруваат. ВМРО-ДПМНЕ и во минатото и во иднина ќе се фокусира на тие проблеми кои најмногу ги тиштат Албанците, реалните проблеми, а не продавање магла.
ЗАЕВ ИМА ОТПОР И ОД НЕГОВИТЕ ПРАТЕНИЦИ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ДВОЈАЗИЧНОСТ
Интересно е што според нашите информации, Заев ги убедувал неговите пратеници дека во втората фаза се што е против уставно со амандмани ќе го елиминираат, а ДУИ пак јавно говори дека нема ништо да се смени. Едните лажат. За неколку дена ќе знаеме кој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст