| четврток, 6 декември 2018 |

Скратено грло на матката – ризик фактор за предвремено породување

Кај трудниците кои што имаат проблем со скратувањето на грлото на матката потребно е да се обрне дополнително внимание со цел да се износи бременоста до крај која и самата се класифицира како ризична бременост.

Скратувањето на грлото на матката придонесува грлото да биде слабо и да нема способност да остане затворено до крајот на бременоста. Поради ова, во случај на постоење на скратено грло на матката постои голем ризик за предвремено породување.

Дијагнозата се воспоставува на два начина. Преку ултразвучен преглед но исто така и со помош на класичен вагинален преглед на трудницата е можно да се одреди состојбата во која што се наоѓа грлото на матката. Сепак ултразвучниот преглед, поточно вагиналното ехо, дава можност конкретно да се измери должината на грлото на матката. При класичниот преглед докторот ја утврдува размекнатоста на ткивото на грлото на матката, односно неговата цврстина.

Една од несаканите последици при појава на скратено грло на матката е спонтаниот абортус во второто тромесечје од бременоста. Затоа доколку почувствувате болка која се интензивира додека одите, јак притисок во долниот дел од стомакот или имате потешкотии во чекорењето веднаш јавете се на лекар.

Постојат неколку околности кои можат да придонесат за скратување на грлото на матката како што се интервенции на грлото на матката, хормонско пореметување, ако трудницата е постара од 35 години како и ниска поставеност на бебето.

За скратено грло се смета она чија што должина е пократка од 2 сантиметри. Несакани последици се јавуваат ако грлото на матката се отвори повеќе од 2,5 сантиметри. Доколку грлото на матката не е отворено туку само скратено тогаш вашиот гинеколог најверојатно ќе ви препорача мирување и ќе ви ја препише соодветната медикаментозна терапија.

Доколку постои дополнително присуство на отворање на грлото на матката тогаш со оперативен зафат се затвора грлото. Оваа интервенција се нарекува серклаж и се изведува најчесто помеѓу 14 и 16 недела од бременоста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top