| четврток, 6 декември 2018 |

Францускиот институт и издавачката куќа „Или-или“ организираат книжевна средба со Давид Фоенкинос

Фоенкинос се вбројува меѓу најдобрите француски писатели од новата генерација, мајстор за романтични комедии. Неговите дела зрачат со леснотија, едноставност и хумор. Романот Еротскиот потенцијал на мојата сопруга бил многу добро прифатен како од критичарите така и од читателската публика, и за него ја добива наградата „Роже-Нимие“

Францускиот институт во Скопје и издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ организираат книжевна средба со популарниот француски писател Давид Фоенконос по повод објавувањето на неговиот роман „Деликатност“ во превод од француски на Катица Гароска Ацевска (Или-Или, 2017). Средбата ќе се одржи во понеделник, 20 ноември, во 12 часот во Францускиот институт во Скопје.

Давид Фоенкинос (Париз, 1974) е француски писател, сценарист, режисер, музичар. Студирал литература и музика во Париз. На шеснаесетгодишна возраст бил принуден подолго време да мине во болничка постела. Во тој период почнува со огромен жар да чита литературни дела, да слика и да свири гитара.

Фоенкинос се вбројува меѓу најдобрите француски писатели од новата генерација, мајстор за романтични комедии. Неговите дела зрачат со леснотија, едноставност и хумор. Романот Еротскиот потенцијал на мојата сопруга бил многу добро прифатен како од критичарите така и од читателската публика, и за него ја добива наградата „Роже-Нимие“. Следат романите: „Кој се сеќава на Давид Фоенкинос“, „Ленон“, „Сеќавања“, „Шарлота“, „Мистеријата Анри Пик“ итн. Добитник е на голем број награди. Романите му се преведени на повеќе од четириесет јазици.


Романот „Деликатност“ ќе направи пресврт во неговата кариера. Веднаш по излегувањето станува бестселер во Франција и се наоѓа на сите листи за најпрестижните литературни награди во Франција. Добива десет награди и достигнува милионски тираж. Според романот е снимен истоимен филм со Одри Тату и Франсоа Дамиен во насловните улоги.

Фоенкинос во прекрасниот роман „Деликатност“ гради приказна за љубовта и за сложените меѓучовечки односи која е раскажана на шармантен и, пред с е’, на деликатен начин. (Деликатен: сложен замрсен тежок; внимателен, чувствителен; вкусен; што бара посебен однос и внимание). Авторот го зема секое значење на овие зборови и полека го воведува во срцевината на романот.
Романот е така пишуван што читателот има чувство дека приказната некој му ја раскажува. Тоа е приказна за нова љубов и надеж дека и ранетите срца можат да најдат прибежиште на најчудни места, дека љубовта може да има и трагичен и комичен дел, понекогаш и малку апсурден, но тоа е тој деликатен зачин што ја прави толку голема.
Ова е прекрасна и деликатна љубовна приказна во која кусите хумористични дигресии раштркани меѓу поглавјата и’ даваат нота на оригиналност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top