| четврток, 6 декември 2018 |

Емир Хаџихафизбеговиќ, босански актер: Оптимизмот е здравје за душата

Синоќа, во рамките на 16. Фестивал на Европски филм „Синедејс“ кој е во тек во Скопје како дел од програмата „CинеБалкан“, беше прикажан долгометражниот игран филм „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ каде што главната улога ја толкува актерот Емир Хаџихафизбеговиќ.

„Жаба“ е филм за посттрауматските состојби и безнадежноста, за силата потребна за да се надминат пречките кои животот ги поставува и за постигнување среќа во секојдневниот живот со помош на малите нешта. Сценариото за филмот е на Пјер Жалица и Елмир Јукуќ, а се базира на истоимената театарска претстава по текст на Дубравко Михановиќ, која е регионален хит и во текот на изминатите десет години е одиграна над 260 пати.

„Жаба“ беше премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Сараево и ја освои наградата од публиката. Жирито на 38. Интернационален Фестивал на Филмска Камера „Браќа Манаки“, на кинематограферот на филмот, Дејан Димески му додели една од главните награди во официјалната компетиција – Бронзената Камера 300.

„Жаба“ е копродукција помеѓу Рефреш Продукција од Босна и Херцеговина, Скопје Филм Студио, Пропелер Филм Хрватска и Ливинг Пикчрс Србија. Филмот беше поддржан од националните фондови на земјите копродуценти и од фондот на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции ЕУРИМАЖ.

Драго ми е што во потрагата за смислата на животот, главниот лик меѓу бомбата и фудбалската топка, ја избира фудбалската топка. Мора да се бориме. Оптимизмот е здравје за душата и мора да сфатиме дека некои работи не смееме да ги заборавиме и мора да гледаме во иднината – вели во интервјуто за „Република“ Емир Хаџихафизбеговиќ.

Хаџихафизбеговиќ има богата и импресивна кариера во која се забележани над 60 улоги во театар и филм. Неговите најпознати улоги се на филм за кои има добиено и меѓународни награди. Филмот „Татко на службен пат“ на Емир Кустурица во кој тој глуми има „Златна палма“ во Кан, а пред три години освои „Златен лав“. Хаџихафизбеговиќ му беше домаќин на холивудската ѕвезда Роберт де Ниро кој беше гостин во Сараево, на филмскиот фестивал. Малкумина знаат дека „Жаба“ го снимал со здравствени проблеми, и веднаш по завршување на филмот заминал во Шпанија на операција на окото. Повеќе од 20 години се бори со несоница и спие два-три часа во ноќта. Самиот вели дека тоа веќе му станала природна состојба. Пред три години учестуваше во сообраќајна несреќа во која животот го загуби една повозрасна жена.

 

Скопската публика синоќа премиерно го виде „Жаба“ чија премиера беше на Филмскиот фестивал во Сараево. Во снимањето на филмот учествува и македонска екипа, преку продуцентот „Скопје филм студио“, кинематограферот на филмот Дејан Димиески. Каква беше соработката?

ХАЏИХАФИЗБЕГОВИЌ: Синоќа на премиерата во Скопје филмот помина одлично. Посебно ми е драго што македонската кинематографија го помогна снимањето на филмот „Жаба“. Жаба“ е копродукција помеѓу „Рефреш Продукција“ од Босна и Херцеговина, „Скопје Филм Студио“, „Пропелер Филм“ од Хрватска и „Ливинг Пикчрс“ од Србија. Филмот беше поддржан од националните фондови на земјите копродуценти и од фондот на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции „Еуримаж“. Мислам дека копродукцијата е нешто што ќе биде иднина на регионалната филмска приказна. Многу посериозни и побогати земји од нашите кои настанаа со распаѓање на Југославија прават копродуцентски филмови. Па така, на одјавна шпица на англиски, француски, италијански, белгиски филм ќе прочитате дека станува збор за копродукција. Она што посебно ми е драго што ние оваа година одобривме средства на македонскиот филм на Мето Јовановски. Пред 15 дена Фондот за кинематографијата на Босна и Херцеговина му додели парични средства на македонскиот филм.  

Во Македонија го снимавте филмот „Караула“. Какви спомени имате од снимањето?

ХАЏИХАФИЗБЕГОВИЌ: Мене ми беше драго што синиќа беше премиерата во Скопје, бидејќи многу сум чувствителен на овој град и на вашата држава.Многу ја сакам Македонија и таа љубов се зголеми кога го снимав „Караула“ три месеци во Охрид, на планината Галичица. Тогаш се запознав со овој менталитет и со луѓето и може да кажам дека е многу сличен на босанскиот менталитет. Среќен сум дека сум во Македонија.

„Жаба“ е снимена по истоимената претстава оја се игра 10 години и има повеќе од 260 изведби. Дали беше тешко ликот од театарот да се префрли на филм?

ХАЏИХАФИЗБЕГОВИЌ: Оној момент кога ќе почне да зуи камерата и кога се гаси светлото и излегува на сцена, не размислувам за која естетика се работи. Се разбира дека филмската естетика е поинаква од онаа во театарот. Луѓето кои ја сакаат претставата, дојдоа да го видат и филмот. Оние кои прво го гледале филмот, сега доаѓаат на претстава. Ова секако не е прв случај на преточување на театарска претстава во филм. Таков е пример случајот со „Балкански шпион“. Многу претстави станаа филмови како што е „Стаклена менажерија“ и „Мачка на вжештениот лимен кров“ на Тенеси Вилијамс, „Некои тоа го сакаат жешко“ и многу други. Оној кој ја сака уметноста, не ги споредува театарот и филмот, бидејќи тоа се две естетики. Она што мене ми е интересно е дека ретко кога, и на филм и во театар, суровиот живот и стварноста се судираат со илузијата. Бидејќи театарот е илузија.

Во филмот го толкувате главниот лик, Зеко, кој боледува од пострауматски стрес од војната во Босна. Дали можеби вие лично имате искуство од таа војна?

ХАЏИХАФИЗБЕГОВИЌ: Во мојата кариера играв многу ликови од античката драма, потоа ликови од претставите од Чехов, ликови од царска Русија, ренесансни комедии, но ретко се случува својот живот од војната во Босна да го играм на сцена или пред камера. Значи, јас во „Жаба“ се глумам себе, освен во некои екстремни ситуации во кои запаѓа мојот лик. Бев припадник на армијата на БиХ за време на војната. Учестував во бранењето на брутално нападнатата суверена земја и тоа многу ми користеше кога го градев ликот во „ Жаба“.

Факт е дека „Жаба“ не би постоела без вас. Како вие го преживеавте главниот лик? Дали можеби ова ви е најдрага улога до сега?

ХАЏИХАФИЗБЕГОВИЌ: Многу улоги ми се драги. Мислам дека она што е квалитетно напишано, а сега би го спомнал Дубравко Михановиќ кој е автор на текстот на претставата која ние ја играме 10 години. Да не беше текстот, немаше да биде ниту претставата, ниту филмот. „Жаба“ пред три години е прогласена за најдобра претстава на Балканот. За жал претставата уште не сме ја играле во Скопје. Со неа бевме на Охридското лето, но во Скопје уште не сме гостувале.

Жаба“ е филм за осаменоста и за потрагата по среќата и љубовта. Дали често размислувате за овие прашања? Дали луѓето може да се сменат и со тоа да ја сменат и својата судбина?

ХАЏИХАФИЗБЕГОВИЌ: Драго ми е што во потрагата за смислата на животот, главниот лик меѓу бомбата и фудбалската топка, ја избира фудбалската топка. Зеко е човек кој по војната во Босна пати од посттрауматски стрес. Семејството му се распаѓа. Работи како бербер во Сараево и сака да се самоубие. Во тој обид го спречува еден ангел во ликот на продавачот на книги и на крај, тој со ангелот одбира да игра мал фудбал. Значи меѓу малиот фудбал и бомбата, го одбиа фудбалот. Ние не смееме да заборавиме што се случило и таа реченица што ја кажува продавачот на книги ’Ти мислиш дека овој свет ќе биде подобар ако тебе те нема’ е клучна. Мора да се бориме. Оптимизмот е здравје за душата и мора да сфатиме дека некои работи не смееме да ги заборавиме и мора да гледаме во иднината.

Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top