Што се случува во ВМРО-ДПМНЕ после изборите?
ГРУЕВСКИ: После изборите како што најавивме по локалните избори, посветени сме на правење на анализа.
Во анализата учествуваат повеќе структури на партијата. Покрај генералниот секретар и уште неколкумина од раководството, вклучени се и општинските комитети и кандидатите за градоначалници со свој допринос во оваа анализа. Во склоп на општинските комитети вклучени се и преставници на месните комитети на партијата.
Сондираме мислења и на надворешни личности и аналитичари, и секако и од дел од членовите на партијата кои не се активни по месните и општинските комитети, но се дел од нашето 170 илјадно членство. Имаме и доста неформални меѓусебни разговори во раководството околу изминатиот и идниот период на дејствување на партијата.
Која е целта на оваа активност?
ГРУЕВСКИ: Целта е јасна. Да се разглоби целиот период зад нас во детали, да се утврдат слабостите за во иднина да се корегираат. Секако да се утврдат и позитивните чекори, за да се користат понатаму. Ова од секој аспект, како организациски и кадровски, така и политички.
Секој има свој агол на гледање, и добро е внатре во рамките на партиските органи да се разгледаат и издискутираат. Сето тоа ќе заврши на разгледување и одобрување кај највисоките партиски органи.
Партијата имаше 10 последователни победи во еден 12 годишен период. Неодамна имавме и пораз, и потребна е сериозна анализа.
По поразот во првиот круг во интервју изјавивте дека дел од причините за поразот се должат на бројни нерегуларнсти, притисоци, закани, уцени, и многу поткуп. Подоцна, како резултат на ова не ги признавте изборите.
ГРУЕВСКИ: Да, јас кажав дека првичната анализа оди во правец дека дел од нашите гласачи не казнија заради тоа што имаа перцепција дека остапивме од некои традиционални политики, а дел не гласаа заради многу притисоци, закани, уцени и заплашувања.
Поткупот на овие избори беше присутен како никогаш претходно. Како да признаеме такви избори? Ако ги признаеме главната порака ќе биде продолжете вака и наредниот пат.
Но, меѓународната заедница ги призна…
ГРУЕВСКИ: Да, слично како и во 2004-тата на претседателските избори, кога имавме класично и брутално полнење на кутиите, така и сега, живееме во период кога меѓународната заедница сака да види стабилизација на политичкиот живот во земјата и натамошни чекори, кои и тогаш, преку формата на спроведување на Рамковниот договор, и денес преку формата на промена на името заради влез во НАТО, сакаше и сака да види силна влада, победничка влада, охрабрена влада, со ветар во грб, со ослабната опозиција која треба да се занимава сама по себе, или со други зборови мирно море за власта за да го реализира ветеното кон нив. Впрочем СДСМ беше свесна за тоа и затоа употреби толку многу агресија, закани и поткупи во овие избори. Тие беа свесни дека како партија која ветила редефинирање на земјата, каде примарна работа е промената на името, штетниот за нас Македонците договор со Бугарија, неуставниот закон за употреба на јазиците, подготвеност за прифаќање на мигранти во иднина, итн., ќе имаат толеранција за се, вклучувајки и спроведување на вакви африкански избори.
Ќе се вратиме на изборите, како гледате на решавањето на името и членството во НАТО?
ГРУЕВСКИ: Тоа се две суштински работи за нас. Членството во НАТО е нешто што беше во врвот на нашите приоритети додека бевме на власт, а и сега. За Македонија е многу важно да стане дел од НАТО алијансата и дел од ЕУ. Тоа никогаш не било спорно. Ние во 2008-мата пред Самитот во Букурешт ги бевме исполниле сите услови за зачленување во НАТО, а една година подоцна и за почеток на преговорите за полноправно членство во Унијата, што беше и јавно обелоденето од нивна страна. Сепак, пречка за реалзиација на овој наш стремеж беше нашето име и идентитет.
Велите и идентитет?
ГРУЕВСКИ: Да, Името е дел од идентитетот, и намерата е идентитетот да ја следи судбината на името, на еден или на друг начин.
Што значи тоа, на „на еден или на друг начин“?
ГРУЕВСКИ: Грција не прифаќа да имаме договор кој би го поминале во нивниот парламент, во кој нашиот јазик и националност би се напишале на англиски како „македонски“, односно macedonian. Тоа значи дека не е подготвена да го прифати нашиот идентитет, и бара, и ќе бара, разни форми за тоа да не се случи. Една од тие форми е и во договорот воопшто да не се третира идентитетот преку формата на името, на јазикот и на нацијата. Тоа кај нас би требало да предизвика радост, поточно да се продаде дека не сме го смениле идентитетот, но, во реалноста нема да е така, затоа што Грција нема да дозволи никаде во меѓународните политички институции да пишува Macedonian за нашиот јазик или нација. Сега веќе, со оваа нова власт и тоа би поминало.
Зошто, што е сменето со новата власт?
ГРУЕВСКИ: Сменето е многу. Грција, како и цел свет знаат дека ова е марионетска власт која е донесена а не избрана од народот, со цел да попушти по ова прашање, и да направи целосно редефинирање на земјата. Да ги задоволи сите други, освен сопствениот народ. И кога ја знаеш таквата позиција на преговарачот од другата страна, сигурно дека ќе бараш и повеќе.
Всушност ако некогаш Грција од 100 проценти преговарачки пакет, беше можеби спремна да остапи до 10 отсто, сега нема ни 5 отсто да остапи, можеби и нула. Ние сакавме да го решиме прашањето со компромис, што подразбира позначителни остапки од двете страни. Тие сакаат да го решат во нивна корист безмалку целосно. Затоа и неуспеаја нашите напори. Се плашам дека новата марионетска власт во Македонија ќе ја прифати оваа позиција на нашиот сосед, како што тоа го направи во договорот со Бугарија. Покрај деблокирањето на процесот за членство во НАТО и ЕУ, од самиот договор, најмногу, некој ситни и неважни детали како исход од преговорите ќе ни ги продава како некаков крупен успех.
Тоа значи, дека ако нашата страна попушти се, проблемот брзо ќе се реши?
ГРУЕВСКИ: Веројатно да. Бидејки има теории кои имаат покрупна геополитичка заднина, дека дури и Македонија да попушти се, некои структури во Грција заради други покрупни геополитички интереси ќе се обидат да спречат решавање на проблемот. Сепак, тоа ќе им биде извонредно тешко да го објаснат, и поверојатно е дека со попуштање на се од страна на македонската марионетска влада, ќе се затвори прашањето.
Но, што со народот, со опозицијата?
ГРУЕВСКИ: Планот им е преку заплашувања, притисоци, апсења и поткупи да го решат тоа. Се чини имаат одврзани раце од надворешните фактори да прават што сакаат, ако е со цел да попуштат за името. Народот го чувствува тоа. Ова е висока политика и геополитика, а не терање правда. Планот им е луѓе да гнијат по притвори и затвори, да не излезат од судници, да одговараат за конструирани работи, судиите да судат без докази како што ќе им се каже, медиумите да го оправдуваат сето тоа. Ќе се уништуваат и оцрнуваат личности, семејства, луѓе, партии и се што е на патот на оваа марионетска власт. Само за да се оствари големата геостратешка цел, која, за да биде иронијата поголема, не е спорна за нас во ВМРО-ДПМНЕ, и напротив е најмалку исто, а и повеќе посакувана отколку во СДСМ, тука мислам на членството во НАТО, само што разликата е во тоа што ние сакаме пофер договор по однос на суштината на спорот со нашиот јужен сосед.
Овие пак од СДСМ и нивните поддржувачи од секаков профил, ќе ликуваат на тоа, ќе се радуваат, ќе си препишуваат успеси и триумфи, ќе летаат во облаци како што и веќе се случува, ќе живеат со некое самозадоволувачко чувство, а не се свесни дека „орото се врти“ и се е менливо и минливо, и меѓу нас некои мислеа дека цел живот ВМРО ќе биде на власт и се залажуваа не мислејќи на утрешнината, дека еден ден работите ќе се свртат во обратна насока против нив самите, но и оние кои ќе учествуваат и ќе ја помагаат нивната валкана игра.
За жал колку и да заплашуваат и замолчуваат, апсат или поткупуваат, конфликтноста во македонското општество ќе расте, колку и времено некој сето тоа да го поттисни и умртви преку втерување страв. Кругот на одмазди нема да запре, напротив. Во налетот при престојното редефинирање на земјата да се уништи политичкиот противник или неистомисленик, и при сите непромислени чекори кои веќе ги имаме, се создава нова ситуација за нови епизоди на меѓусебна конфликтност, реваншизми, одмазди и враќања.
Најтрагично е тоа што преставниците на меѓународната заедница се менуваат на секои 3 или 4 години, а ние треба да останеме и да живееме тука цел живот.
Постои ли начин ова да се спречи?
ГРУЕВСКИ: Само народот е тој кој може да ги смени нештата. Но, видовме дека неодамна на локалните избори, една значајна бројка луѓе беа исплашени, изманипулирани, притиснати, уценети, заплашени. Некои и поткупени. Негативната пропаганда која се води повеќе од три години обзема дел од луѓето исто така.
Стратегијата беше нас да не прикажат како нечесни, да ни измислат афери, и да не прогонуваат, за да се реализира зацртаната цел. Во основа ако погледнете низ светот, тоа е практика на многу места кога се има некоја геостратешка цел, и кога на патот некој ќе застане од една или друга причина. Ако некој е способен и работи за својата земја, или ќе му смислат дека со нешто не ги почитувал законите и со тоа сторил криминал, или ќе му смислат сексуална афера, или нешто слично. И треба да е среќен, што е жив.
И ако немаат докази ќе се обидат да измислат, како на пример правење на незаконските снимки да се докази. Ако и тоа не е доволно ти вадат нови закони за заштитни сведоци и што ли уште не, само за на сила да те обвинат со измислени докази.
Крај на првиот дел од мегаинтервјуто на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за „Република“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии