| четврток, 6 декември 2018 |

Пратениците изгласаа дека има потреба од нов закон за јазиците – ВМРО-ДПМНЕ гласаше „против“

Мнозинството од пратениците во Собранието – 66 на денешната собраниска седница гласаа „за“ потребата од носењето на Законот за употреба на јазици, со што предложениот закон преминува во второ читање. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа „против“.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски посочи дека законот не ги затвора проблемите на меѓуетничките односи во Македонија и во постапката на носење на овој закон биле злоупотребени Деловникот на Собранието и знамето на Европската Унија за да се намали обемот и квалитетот на дебатата.

– Овој закон разградува и создава паралелни општества, ја прави Македонија покревка држава. По неговото носење институциите нема да бидат поефикасни за граѓаните ниту, пак, поекономични за државата. Законот нема да ја направи Македонија мултиетничко општество, туку ќе ја направи бинационална и бијазична држава – посочи Димовски во процедуралното обраќање во кое објасни зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа „За“ потребата од носењето на Законот за употреба на јазиците.

Откако заврши гласањето по првото читање, претседателот на Собранието, Талат Џафери, даде пауза од половина час по барање на опозицијата.

По првото читање, законот ќе се разгледува на комисија во однос на поднесените амандмани, а потоа повторно ќе се врати на пленарна седница за дебата по што ќе следува и конечно гласање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top