| четврток, 6 декември 2018 |

Севернокорејски медиуми: Трамп заслужува смртна казна поради навреда на Ким Џонг-ун

Севернокорејските медиуми соопштија дека претседателот на САД Доналд Трамп заслужува смртна казна бидејќи го навредил лидерот Ким Џонг-ун.

Покрај тоа, пишуваат дека Трамп поради страв не ја посетил демилитаризираната зона на границата меѓу двете корејски држави.

Трамп минатата недела во јужнокорејскиот Парламент изјави дека Северна Кореја има „жестока диктатура“. Американскиот претседател ја посети Јужна Кореја, во рамки на големата азиска турнеја. Тој се обиде да ги обедини регионалните сили за да се спротивстави на нуклеарната и ракетната програма на Северна Кореја.

– Најтешкото злосторство, кое никогаш нема да му биде простено, е што се дрзна злонамерно да го навреди достоинството на врховниот лидер. Треба да биде јасно дека тој е омразен криминалец осуден на смрт од корејскиот народ, пишува севернокорејскиот весник „Нодон синмун“.

Откако влезе во Белата куќа, Трамп ги интензивира вербалните напади против Кин Џонг-ун. Во Ханој тој рече: „Зошто Ким Џонг-ун ме навредува со тоа што ме нарекува стар, кога јас никогаш не би го нарекол низок и дебел? А, јас толку се трудам да бидам негов пријател, можеби некој ден тоа и ќе се случи“.

„Нодон синмун“ пишува и за откажаната посета на Трамп на демилитаризираната зона.

– Кога беше во Сеул, направи обид за ненадејна посета на зоната, но поради лошото време хеликоптерот се упати во спротивна насока. Тоа не беше поради метеоролошките услови, туку се исплаши да се соочи со нашите војници, пишува севернокорејскиот весник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top