| четврток, 6 декември 2018 |

Јубилеен концерт во чест на композиторот Драгослав Ортаков

Професори и студенти од Факултетот за музичка уметност-Скопје вечер од 20 часот на ФМУ ќе одржат јубилен концерт по повод 90 години од раѓањето и 10 години од смртта на музикологот и композитор проф. д-р Драгослав Ортаков (1928-2007).

На концертот, кој е во рамки на манифестацијата Есенски музички свечености, ќе бидат презентирани неколку дела од композиторскиот опус на Ортаков.

Тој е еден од основачите и професор на првата музичка високошколска установа во Македонија – Факултетот за музичка уметност во Скопје, на кој бил и декан од 1973 до 1975 година. Основач е на Музиколошкиот оддел на ФМУ во 1977 и втемелувач на музикологијата и на музичката византологија во Македонија. Ортаков е првиот магистер и прв доктор по музикологија во Македонија.

– Сестраниот ангажман и инкорпорираност на Ортаков се одразува во повеќе сегменти на македонската музика и културно живеење воопшто, преку еден плоден животен и работен век, кој сведочи за неговиот оригинален уметнички и научен лик во македонскиот духовен простор, соопшти Дирекцијата за култура и уметност-Скопје која ги организира Есенските музички свечености.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top