| четврток, 6 декември 2018 |

МАНУ игнорирана за законот за јазици, пратениците дебатираат

Во Собранието денеска се води дебата за законот за јазици. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојловски во својот говор за законот за употреба на јазиците рече дека ова законско решение не е спроведливо и дека нема да го разбие јазот меѓу Македонците и Албанците. Според него, овој закон уште повеќе ќе побуди чувства на недоверба и страв кај граѓаните од двете етнички заедници.

Ќе ви набројам неколку негативни случаи во Тетово за практикување на власта и непочитување на чувствата кај сите. Во локалната самоуправа имаме три јавни претпријатија, а нема ниту еден Македонец. На 31 раководна позиција нема ниту еден Македонец, 6 средни училишта, а нема ниту еден директор Македонец. Ако говориме за градење доверба, ова не покажува дека ја немаме во пракса. За празникот 8 Септември нема никаква активност во Тетово – рече тој.

За пратениците од владејачкото мнозинство, предлог-законот е потреба и треба да биде донесен заради подобрување на соживотот во државата. Пратеникот Павле Боговески ги повика пратениците да дадат поддршка на законот и да не се водат од политиканство.

-Начинот на практикување на власта на одредени функционери нема врска со спроведување на законот. Сега не зборуваме за нив, се фокусираме на законот за јазици. Мора да тргнеме од практична потреба на терен. Сè што има политиканство нема да донесе резултати. Да дадеме зелено светло на овој прелог и на амандманската расправа да дадеме предлози кои ќе бидат во интерес на подобрување – рече Богоевски.

Во расправата се вклучи и пратеникот од ДУИ, Џеват Адеми, кој негираше дека во општина Тетово нема доволен број функционери Македонци на клучни позиции.

Уште еднаш реплицираше Манојловски по што комуникацијата им ја прекина собранискиот спикер Талат Џафери, кој им порача да седнат на кафе во Тетово и да си разменат мислења за случувањата во нивиот град.

Инаку, ова е втор ден дебата по предлог-законот за употреба на јазиците, по прекинот од 15 октомври. Се очекува расправата да заврши до крајот на неделата, по што законот преминува на разгледување во надлежната комисија, каде што ќе следи амандманска расправа.

Оваа тема изминатиот период силно ја брануваше јавноста и предизвика многу коментари.  Со овој предлог-закон значајно е проширена употребата на албанскиот јазик во органите на државната власт на Република Македонија (Собрание на Република Македонија, претседател на Република Македонија, Влада на Република Македонија, судство, јавно обвинителство), како и во сите централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи, организации и сл. што вршат јавни овластувања во согласност со закон. МАНУ реагира. Велат а овие сегашни промени не се извршени консултации со МАНУ, која има законска обврска да се грижи за културното наследство и за јазикот како негов интегрален и нераскинлив дел, а не се направени консултации ни со Институтот за македонски јазик, Филолошкиот факултет…

тоа, во ваква ситуација, МАНУ си ја исполнува обврската преку упатување неколку напомени во врска со решенијата во предлог-законот:
Академиците сметаат дека доколку во текот на расправата по предлог-законот за употреба на јазиците (пред неговото усвојување во Собранието на Република Македонија) или евентуално потоа, по неговото усвојување, настанат проблеми, се јават отворени прашања и дилеми поврзани со неговата имплементација во практиката и сл., за нив треба да се иницира конструктивна дебата, помеѓу политичките партии, стручните и научните институции и слично. Притоа треба да се почитуваат принципите на отвореност, заемно уважување, конфронтација на аргументите и избегнување секаков вид ултимативност и закани, сеедно од која страна тие да доаѓаат.

– На мултиетничко општество му се иманентни плурализми, јазичен, културен, интелектуален, естетски плурализам и слично, и тие не треба да се избегнуваат, туку, напротив, треба да се поттикнуваат – сметаат во највисоката научна установа.

Во оваа смисла, легитимно е инсистирањето на сите заедници во Република Македонија да бараат унапредување на нивните јазични права. Македонците треба да го почитуваат тоа и да покажат интерес за јазиците на нивните сограѓани и за унапредување на нивните јазични права, култура и традиции. Но и обратно – претставниците на другите заедници мораат да покажат разбирање, толерантност и респект за македонскиот јазик, како јазик на мнозинскиот народ, и за неговата интегративна, обединувачка функција.
Предлог-законот за употреба на јазиците го респектира принципот на бројност на заедниците (во оваа смисла му дава посебен третман на албанскиот јазик, како јазик, кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија). Од друга страна, се чини дека се предимензионирани административните мерки и пристапи поврзани со употребата на јазиците, преку многубројните ингеренции што предлог-законот им ги дава на Агенцијата за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Македонија и на Инспекторатот за примена на јазиците.

МАНУ сугерира дека контролата на употребата на албанскиот јазик и на другите јазици на заедниците, наместо претежно да се потпира на административни мерки,, треба да претпочита поттикнувачки пристапи што им се иманентни на концептот на мултикултурализам – соодветни образовни и културни политики, реализација на заеднички едукативни, медиумски, комуникациски и други проекти, дружење и заедничка работа и сл.

Од МАНУ нагласуваат дека правото на заедниците да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет преку дејноста на научните, културните, уметничките и други општествени институции е загарантирано со Уставот на Република Македонија. Албанците во Република Македонија, како втора по бројност заедница по мнозинскиот македонски народ, располагаат со институции од областа на високото образование (Државниот универзитет во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа кај Тетово, универзитетот „Мајка Тереза“, Педагошкиот факултет во Скопје, Катедрата за албански јазик и книжевност при филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ во Скопје и др., со училишта во основното и во средното образование, со Институт за културно и духовно наследство на Албанците, Албанскиот театар и други институции. Албанците се добро застапени и во органите на државната власт во Република Македонија, а значајно е подобрена и нивната застапеност во јавната администрација. Понатаму, и составот на нашата највисока научна и уметничка институција, Македонската академија на науките и уметностите, каде што академиците се избираат врз строги научни критериуми и со тајно гласање, ја одразува нашата мултикултурна и мултиетничка реалност – во актуелниот состав на МАНУ има тројца редовни членови од албанска етничка припадност и еден дописен член, како и тројца членови надвор од работниот состав.

МАНУ, како највисока научна и уметничка институција на Република Македонија, ќе ги поддржува и поттикнува научните истражувања и публикациите на резултатите од нив, во кои се третираат историјата, културата, литературата и културното наследство на Албанците, но и на другите заедници во Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top