| четврток, 6 декември 2018 |

Дачиќ: Центрите на моќ се заиграа кога мислеа дека можат да ги прекројуваат границите на Балканот

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ вели дека светските центри на моќ се заиграа кога мислеа дека можат да ги прекројуваат границите на Балканот, бидејќи овој регион не е дел од ЕУ.

Тоа е еден од најјасните примери на двојни стандарди и на лицемерието на светската политика, изјави Дачиќ за српскиот весник Известија.

Шефот на српската дипломатија вели дека Белград ќе остане поддржувач на европските принципи и демократијата, но дека нема да ја жртвува својата независност.

На прашањето дали Србија ќе ѝ воведе санкции на Русија на барање на Западот, Дачиќ кажа дека Србија со Русија сака да ги одржи сеопфатната соработка и пријателските односи во политичката и економската област, науката, културата, образованието, како и за прашањата на одбраната, безбедноста и воената индустрија.

„Ќе го продолжиме тоа и понатаму. Затоа Србија ќе остане доследна во својата политика и нема да се придружи на европските антируски санкции. Дури се надеваме на што поскоро укинување на санкциите против Русија“- вели Дачиќ.

Тој додаде дека Србија се соочува со последици поради оваа одлука. Тој вели дека нема да одат против своите интереси и нема да воведат санкции на пријателите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top