| четврток, 6 декември 2018 |

Путин до САД: Ова е современ свет, грешите

Русија ќе најде замена за американските компании на кои им е забрането да работат со руските, предупреди рускиот претседател Владимир Путин.

– Како што американските санкции против Москва ги спречуваат компаниите од САД да се здружат со руските, други странски компании ќе ги дополнат празнините на рускиот пазар, истакна Путин.

Тој, меѓутоа, се надева на избалансирани билатерални односи.

– Тоа што му забранија на „Ексон Мобајл“ да работи со нас на Арктикот само ги лиши од интересен, ветувачки проект, кој би можел да ја поттикне американската економија и да создаде повеќе работни места во САД, носејќи приходи и даноци, изјави рускиот претседател пред новинарите.

Путин додаде дека тој нафтен гигант е само пример за слични случаи.

– Вашите компании ќе бидат заменети со конкуренција. Тоа е неизбежно во современиот свет, рече Путин.

Според него, „сите сакаат да работат во Русија“, нагласувајќи дека повеќето претпријатија кои учествувале на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург биле од САД.

Иако односите меѓу двете земји се уште се во криза, „Москва е подготвена да сврти нова страница и да продолжи понатаму, да гледа во иднината и да ги решава проблемите кои се важни за луѓето во САД и Русија.

Во 2011 година тогашниот претседател на Извршниот одбор на „Ексон“, Рекс Тилерсон склучи договор со руската државна нафтена компанија „Росњефт“, и со тоа го отвори патот за истражување на рускиот Арктик, Црно Море и Сибир. Меѓутоа, американските санкции воведени против Русија поради кризата во Украина го натераа „Ексон“ да ја прекине соработката, со што компанијата загуби една милијарда долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top