| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарија се закани: Или договор за добрососедство или ќе ве блокираме

dimitar cancev

Ако до последниот состанок на Советот за општи работи, кој се одржува два дена пред самитот на Европскиот совет закажан за 27 јуни, не биде потпишан договорот за добрососедство со Македонија, тогаш Софија ќе ја поддржи Грција во блокада на Македонија, соопштуваат бугарските дипломати во Брисел.

Претставниците на Бугарија ова го соопштиле на последните состаноци на дипломатите од постојаните мисии на земјите-членки на ЕУ во Брисел (т.н. КОВЕБ-група), како и на состаноците на КОРЕПЕР-групата (амбасадори на земјите-членки при Унијата).

Иако никој од амбасадите на споменатите земји не сака да коментира, според информациите од досегашните расправи на КОВЕБ и КОРЕПЕР, бугарскиот амбасадор Димитар Цанчев и дипломатите од оваа земја ставиле јасно до знаење дека тие ќе се согласат да ѝ се даде „зелено светло“ на Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ само ако до самитот се потпише договорот. Една од работите, пак, на која е запнато во преговорите на техничко ниво меѓу претставници на македонското и бугарското министерство за надворешни работи е барањето Бугарите, како наводно малцинство кај нас, да влезат во преамбулата на Уставот. Во овој дел, Бугарија има силна поддршка и од Хрватска, која од 1 јули годинава станува полноправна членка на ЕУ, со оглед на тоа што и Хрватите не се застапени како малцинство, а на тоа инсистира и оваа поранешна југословенска држава.

Она што досега е непознато е ставот на Грција чии дипломати мудро молчат на состаноците на работните групи во Советот на Унијата. До вторник, 25 јуни и состанокот на Советот за општи работи (ГАК) во Луксембург, се очекува да се донесат заклучоците во однос на земјите-кандидати (Македонија и Србија) и дали истите ќе добијат датум за преговори со ЕУ. Формирањето на Комисијата за истрага на собраниските настани на 24 декември минатата година нема да го спречи нашиот јужен сосед да го употреби правилото на консензус меѓу земјите-членки и да не дозволи нашата земја и по четири препораки на Комисијата да го добие заслужениот датум за преговори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top