| четврток, 6 декември 2018 |

Пратениците добиваат пари, пензионерите бенефиции, а средношколците плаќаат за јавен превоз

Додека државата одвојува десетици илјади евра за патни трошоци на пратеник, илјадници ученици во Скопје немаат право ниту на слободен превоз, ниту на „привилегирана“ ученичка карта. Средношколката Јована раскажува дека голем дел од нејзините пријатели се соочуваат со проблем поради тоа што не ги следува бесплатен превоз, иако средното образование е задолжително.

-Јас сум далеку од училиштето, поради што ми следува бесплатна карта за автобусите на ЈСП. Но моите пријатели од училиште имаат проблем. Или одат пеш или плаќаат за автобус. Рака на срце, улицата по која се движат и не е така безбедна. Тротоар нема, сообраќајницата завршува речиси до оградата на куќите – вели Јована.

Голем број на ученици се „осудени“ на немање можност да го користат јавниот превоз, бидејки не им следува бесплатна ученичка карта. Голем дел од нив ноќе се изложени на опасност и принудени да се движат по скопските улици пеш, бидејки според закон привилегија да го користитат јавниот превоз имаат само оние деца чие место на живеење е оддалечено најмалку 2,5 километри од училиштето во кое учат.

Учениците кои немаат право да ја користат ученичката карта се принудени да платат за јавен превоз, издвојуваат средства за автобуски картички, дури плаќаат и такси превоз се со цел безбедно и навремено да стигнат во училиште. Не треба да се заборават и нивните активности надвор од училиштето.

Познато е дека списоците на учениците кои треба да користат ученичка карта се прават во училиштата каде тие слушаат настава и се доставуваат до град Скопје, па до ЈСП, каде што се изготвуваат слободните карти кои на училиштата треба да им бидат испорачани. Но неколку примери на ученици покажаа дека многу често се врши и забуна на податоците, односно погрешена е пресметката на оддалеченост, па дел од децата кои аплицирале, а ги исполнуваат условите се одбиени, а тоа значи нов процес на апликаци, чекање на корекција ако е возможно, која сама по себе значи време, и неможост за користење на услугата ученичка карта за превоз.

Од ЈСП за Република одговорија дека се укинати само временските картици, додека „слободните“ според отчитувањата во системот се користитат, но не прецизираа дали се оние корисници кои треба да живеат најмалку 2,5 километри од училиштето во кое учат или има промени.

Темата ја отвори „Ноќно студио“, по што за овој проблем кој ги засега младите луѓе во главиот град, покрената е и петиција со која се бара од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов да се променат правилата сега и веднаш, а не да се чека до 2018 година. Во петицијата се вели дека дури и да сака родител да плати ЈСП не дава „слободна“ поради фамозни 2,5 км оддалеченост. Порачуваат: СТОП за дискриминацијата. За живот, за еднаквост на сите !!!

Република побара одговор и од Град Скопје, но иако ни беше кажано дека ќе добиеме до објавување на текстот, одговор се уште немаше.

Практиката со слободните карти за ученици се применува од 2016 година, во моментов право да ја користат имаат 19 659 ученици, околу 2000 не се корисници.

Минатата влада успешно спроведе проект за бесплатно користење на јавен превоз за студентите, секој ден во неделата на сите линии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top