| четврток, 6 декември 2018 |

Одбраната на Грујовски ќе се жали на пресудата на Кривичниот суд

Адвокатите на поранешниот началник на Петтата управа во Министерството за внатрешни работи, Горан Грујевски, најавија жалба на пресудата од година ипол казна затвор за случајот „Тврдина 2“.

„Ние очекувавме ослободителна пресуда, бидејќи ние сме на становиште дека не постои како објект на заштита становиште службена исправа која што може да биде предмет на ова кривично дело. Ние во завршните збор направивме јасна дистинкција меѓу старото и новото законско решение и кое не остава простор за самоволно толкување. Очигледно со судот имаме различна диоптрија на гледање на работите. Ќе поднесеме жалба на овие околности и околу надлежноста која ја оспоривме во завршните зборови“, рече денеска адвокатот Љупчо Шврговски по завршувањето на рочиштето и изрекувањето на пресудите.

Казна затвор од година и половина доби Горан Грујевски, првообвинетиот во случајот „Тврдина 2“ за уништување на службена документација поврзана со незаконското прислушување. За другите обвинети, Кривичниот суд во Скопје изрече условни казни. Пет од обвинетите службенички во УБК добија по една година условна казна, која нема да одлежат доколку не направат кривично дело во наредните 3 години. Само една од обвинетите, исто така службеничка во УБК, доби условна казна од 9 месеци, која нема да се изврши доколку не направи кривично дело во наредните две години. Таа доби пониска казна, бидејќи придонела во утврдување на вистината за случајот.

Судијката Лидија Петровска, образложувајќи ја казната за Грујевски, рече дека отежнителниот степен бил мотивот, тежината и умислата со која било спроведено кривично дело, како и искористување на авторитетот на обвинетиот и стравот кој го имале останатите од последиците и неговото бегство во Грција. Олеснителна околност, како што рече Петровска, е тоа што не бил осудуван и што е семеен човек.

За другите шест службенички кои беа осудени, судијката порача дека не е неопходно изрекување на казна затвор туку доволна е закана за казна, односно алтернативни мерки. Тие се осудени иако се бранеа дека дејствувале врз основа на наредба. За пет од обвинетите службенички, судијката определи алтернативна мерка една година условна казна затвор, која нема да се изврши ако во рок од три години обвинетите не го повторат делото, а една е осудена на девет месеци условна затворска казна доколку не го повтрои делото во рок од две години. За оваа обвинета, судијката рече дека има поблага казна, поради придонесот кој го дала со нејзиното сведочење во текот на судската постапка.

Обвинителката Ленче Ристоска изрази задоволство од тоа што СЈО ја добило првата пресуда.

„Ваквата осуда на судот е во рамки на нашите очекувања. Ние неколкупати досега повторивме дека имаме цврсти докази и тоа се потврди со одлуката на судот. Судијата во краткото образложение ги потврди сите ставови кои СЈО ги имаше, а тоа е дека не може подредените да бидат изземени затоа што постапувале по незаконска наредба на нив нивниот претпоставен. Во оваа нсока изразуваме задоволство што барем во овој случај, правдата излезе на виделина и очекуваме ваквиот тренд да продолжи и за другите случаи за коишто СЈО има поднесено обвиненија“, рече Ристоска.

На прашање дали ќе се жалат за пресудата на Грујевски за кого бараа максимална казна од пет години затвор, Ристоска посочи дека ќе почекаат да ја добијат пресудата и да ги разгледаат аргументите и потоа ќе донесат одлука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top