Со денешната одлука на Апелација да се прифатат незаконски следените комуникации во предметот „Тенк“, човековите права, меѓународните норми и домашните закони се множат со нула. Апелацискиот суд, како и се друго е под огромен политички притисок да испорача тоа што го најавуваше Зоран Заев уште во кампањата што ја водеше пред парламентарните избори.
Заев јасно им кажа на судиите дека „притвори мора да има и ќе има“. Им оставија простор на судиите да изберат помеѓу сопствениот интегритет и делењето на правда врз основа на закон и реализирањето на нарачките од Заев и центрите на моќ, од друга страна. Затоа во меѓувреме и беа најавувани списоци на неподобни судии кои немало да бидат реизбрани бидејќи се неподобни за новата власт.
Ставени пред ваквиот избор судиите апсурдно решија да веруваат на празните зборови на СЈО кое се повикуваше на некаков „меѓународен правен стандард“ без да наведе кој е тој стандард, кој го воспоставил, каде и во каква процедура. Трагедијата да биде поголема, целосно се игнорираа сите аргументи поткрепени со примери од страна на одбраната.
Со оглед на тоа што според Законот за кривична постапка доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на човековите права утврдени со Уставот на РМ, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не може да се користат и врз нив не може да се заснова судска одлука, клучното прашање на кое треба да се одговори при одлучувањето за доказната вредност на материјалите кои ги поседува СЈО е дали со незаконското следење на комуникациите е повредено Правото за почитувањето на приватноста, на личниот и семејниот живот на поединецот, неговиот дом и неговите комуникации како универзално право и цивилизациска придобивка, гарантирано и во законодавството на РМ и во меѓународните документи (Универзалната декларација за човековите права на ООН во членот 12, во Европската конвенција за заштита на човековите права, во членот 8, Во член 17 од Уставот на РМ, Во ЗКП и ЗСК).
Суштината на заштитата е правото на секој поединец, без разлика на неговите лични и професинални карактеристики, да се почитува неговото право да задржи за себе односно да сподели со оние со кои сака да сподели информации или податоци. Обврската за почитување на ваквото право се однесува на сите останати поединци, институции и државни органи. Самото право содржи и гаранција дека тајноста на содржината на комуникациите не смее да биде откриена од лица кои не се вклучени во процесот на комуникација ниту од органите на јавната власт и при тоа самата заштита на правото на поединецот создава обврска за државата, не само да се воздржи од неовластено пресретнување и следење на комуникациите, туку и да создаде услови за граѓаните да го остварат правото на непречено и приватно комуницирање што претставува и став на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) изразен во пресудата од 5 септември 2017 во случајот Barbulescu v. Romania, (GC) Application no. 61496/08.
Кога станува збор за правото на приватност на комуникацијата ЕСЧП, во пресудата за предметот A v. France, 03.11.1993 Application no. 14838/89 завзема став дека содржината на комуникацијата е ирелевантна за почитување на правото на нејзина тајност. Комуникацијата во конкретен случај може да содржи и криминогени елементи или експлицитно признание за инволвираност во криминална активност, но доколку истата е откриена неосновано и неовластено, тогаш, станува збор за повреда на правото на приватност. Според ЕСЧП заштитата на правото е во однос на средствата за комуницирање и самиот чин на комуницирање, а не во однос на предметот и содржина на комуникација.
Дополнително, ЕСЧП во предметот Niemietz v. Germany, 16.12.1992, Aplication no. 13710/88, параграф 29 е на став дека правото се однесува на тајност на секоја комуникација без разлика дали е приватна или деловна, бидејќи не секогаш е возможно да се направи разграничување кои активности на поединецот припаѓаат на неговиот професионален или деловен живот, а кои се приватни, посебно за лицата кои припаѓаат на професии во кои низ работењето развиваат и лични и приватни релации и комуникацијата која се остварува низ нивните професионални активности може да биде испреплетена со нивниот приватен живот.
Во обидот да се наметне став кој е во директна спротивност со она што го предвидуваат прописите во Република Македонија и значи игнорирање на праксата на ЕСЧП, СЈО прави недозволена дистинкиција помеѓу создавањето на доказите и прибавувањето на доказите, иако Законот за кривична постапка никаде не користи термин “стекнување” на докази, туку само “прибавување” на докази (член 12 став 2 и член 259 став 1). Материјалите кои СЈО инсистира да се користат како доказ, без никакво сомневање се прибавени со незаконско следење на комуникации. Сосема ирелевантно е нивното формално примопредавање бидејќи без оглед кој и во каква процедура ги предал или доставил до СЈО, неспорен е фактот дека со чинот на примопредавање незаконското следење на комуникации не може да се озакони. Примената на нивната логика би значела дека и доказите кои произлегуваат од тортура или повреда на процесните права, слободно може да се користат доколку во процесот на нивно примопредавање се вклучи дополнителна алка односно доколку ги предаде трета страна, неповрзана со самата поврда на законот од која таквиот доказ произлегува.
Оттука, игнорирањето на фактот што материјалите за кои СЈО бара да се користат како доказ се прибавени, односно произлегуваат од кршење на човековите права и тврдењето дека за државните функционери не може да важат одредбите од Европската конвенција за човекови права, Уставот и законите во Република Македонија кои го штитат правото на приватност и семеен живот само затоа што биле членови на Владата во времето кога ВМРО-ДПМНЕ била владеачка партија не само што е скандалозно, туку претставува директна дискриминација на политичка основа и груба повреда на член 9 од Уставот на РМ според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите и еднакви во слбодите и правата независно од полот, расата, бојата на кожа, националното и социјалното потекло, политичкото и верско убедување, како и имотна и општествена положба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст