| четврток, 6 декември 2018 |

Коко Шанел: „Изуми” за кои жените ќе ѝ бидат засекогаш благодарни

Тешко е да се замисли како би изгледал светот ако пред точно 132 години не се родела Габриел “Коко” Шанел во француското гратче Саумур.

Модната пионерка ги ослободила жените од цврстите корсети и создала култни модни предмети кои до ден-денес сè уште се носат.

Во продолжение, погледнете ги 7-те изуми на Шанел за кои жените вечно ќе ѝ бидат благодарни.
Бижутерија.

Коко Шанел речиси никогаш не била видена без тон лажни бисери околу вратот, а токму таа е првата дама во модниот свет која почнала да дизајнира бижутерија. Ја изработувала од синџири, перли и стакло и ја носела со кежуал или спортска дневна облека. Идејата да дизајнира бижутерија ѝ дошла затоа што сакала да им овозможи на жените да купуваат евтин накит со кои би можеле да ги надополнат секојдневните модни комбинации.

Женски пантолони

Пред 80 години пантолоните ги носеле само мажите. Коко Шанел тоа го променила засекогаш. Таа сметала дека жените мораат да имаат еднаква слобода како мажите и дека корсетите и здолништата физички ги ограничувале жените. Клучниот момент се случил кога Коко сфатила дека не може да јава коњ во долго здолниште и тогаш буквално му ги соблекла пантолоните на машкиот јавач и ги облекла.

Маичка со морнарски риги

Коко Шанел голем дел од инспирацијата ја црпела од својот роден град, па така настанала маичката со морнарски риги. Набљудувајќи ги француските рибари во бело-сини риги, одеднаш се сетила дека таков едноставен дезен фантастично би изгледал на женската силуета. Коко ја дизајнирала наједноставната верзија на овие маички, а подоцна ригите се пренеле и на пантолоните, чевлите, чантите и останатите модни додатоци.

Бронзен тен

Во почетокот на 20-тиот век бледата кожа била во мода, а темниот тен се поврзувал со пониската, односно работничката класа. Тогаш, Коко Шанел случајно потемнела на сонце на француската ривиера, а кога се вратила во Париз, нејзините пријатели се восхитувале на нејзиниот исончан тен, па и самите почнале да се сончаат. Така, некогаш презираниот темен тен станал симбол на богатство и убавина и тренд кој никогаш нема да исчезне.

Мал црн фустан

Коко Шанел сакала да создаде фустан со пристапна цена кој ќе им биде достапен на жените од сите социјални слоеви, односно за најширокиот пазар. Со тоа настанал малиот црн фустан, најпопуларниот фустан на светот. Кога за прв пат бил претставен во 1926 година, списанието Вог напишало дека овој фустан ќе стане униформа за сите жени и за сите вкусови. Речиси 90 години подоцна, малиот црн фустан е сѐ уште многу, многу моќен.

Жерсе

Уште една работа која Коко ја „украла“ од мажите е жерсето. Во нејзиното време овој удобен материјал се користел само за изработка на машка долна облека. За жените тоа значело целосно препородување затоа што дотогаш носеле само груби и неудобни, но и скапи материјали. Евтиното жерсе Шанел го снабдила во текот на Втората светска војна, кога дошло до недостиг на скапи ткаенини.

Женски костим

Сакото без јака, ткаен модел со метални копчиња и здолниште што се стеснува – ваквиот модел изработен од твид бил совршен за жените кои после Втората светска војна сакале да изградат кариера во доминантниот машки деловен свет. Ваквите костими, меѓу останатите ги носеле и Одри Хепберн, Грејс Кели и Џеки Кенеди.

точка.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top