| четврток, 6 декември 2018 |

Укинувањето на Советот за јавни набавки ги скара пратениците

Најавеното укинувањето на Советот за јавни набавки ги скара и пратениците. Откако министерот за финансии Тевдовски појасни дека како една од реформите на Владата ќе биде и укинување на Советот веќе од следниот месец, дебата се префрли и во законодавниот дом. Од опозицијата обвинуваат дека во програмата на новата Влада никаде не било наведено вакво укинување. За пратеникот Драган Цуклев постоењето на овој Совет има само позитивен ефект во зголемувањето на конкурентноста и намалување на средствата што се трошат за јавни набавки од касата на државата.

Од друга страна па пратеничката Јагода Шахпаска од СДСМ вели дека токму поранешниот министер за здравство на ВМРО-ДПМНЕ се повикувал на Советот за јавни набавки како административна кочница, а со која се продолжувала процедурата за јавни набавки.

Претходно претседателката на Државна Комисија за жалби по јавни набавки го претстави и извештајот за работа од минатата 2016-та. Лани во оваа институција биле примени 623 предмети од кои биле решени 97 проценти.  Судска заштита странките побарале во 65 случаи од вкупно 606 решени предмети, односно 89,27 проценти од сите решенија на Државната комисија станале правосилни, а само 10,73 проценти од нив биле обжалени. Поради немање на кфорум за работа седницата беше прекинувана.

Доколку се случи најавеното укинување на Советот за јавни набавки, институциите ќе можат полесно да распишуваат тендери и ќе си склучуваат договори, без дополнителна контрола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top