| четврток, 6 декември 2018 |

На денешен ден е формирано е КУД „Стив Наумов“ од Битола

На денешен ден, (6 ноември 1944 година) е формирано Културно уметничкото друштво „Стив Наумов“ од Битола, првично именувано како Синдикално друштво .

Почетоците на КУД „Стив Наумов“ се поврзуваат со хорот и првите хористи кои произлегле од народно-ослободителните одреди, кои дејствувале во Битола и Битолско, но и други пејачи од градот, а прв диригент кој работел со првиот хор на КУД „Стив Наумов“ бил Тодор Скаловски, истакна Љубомир Трифуновски, актуелен раководител на КУД „Стив Наумов“ – Битола.

– Првиот хорски настап е регистриран на 9 ноември 1944 година, или неколку денови по ослободувањето на Битола кога кај месноста „Црн Мост“ до затворот, под диригентство на Скаловски биле отпеани песни во духот на тогашното време. Од тогаш па се до 1968 година со хорот работеле повеќе диригенти, меѓу кои и Васил Дучев, Кирил Македонски, Александар Црвенко, Милан Спиридонов, Михајло Николовски, Петар Сидовски и други, посочи Трифуновски.

Од 1968 година и денес, главен диригент на хоровите на КУД „Стив Наумов“-Битола е Љубомир Трифуновски кој во 1971 година го формирал и женскиот хор во тоа друштво.

– Во овие 70 години регистрирани се многу настани и убави времиња. Друштвото почна со многу секции, хор, фолклорна група, рецитаторска секција, забавен оркестар, филхармониски оркестар за чија работа беа набавени инструменти од Чешка, а во еден период соработувавме и со Воениот оркестар. Од денот кога го презедов раководењето со друштвото почнавме и со меѓународна презентација на нашето хорско пеење но, за жал, до денес единствено не сме биле во Канада, Америка и Австралија. Верувам дека во директна соработка со МПЦ ќе организираме и одржиме концерти на духовна музика и на тие континенти, вели Трифуновски.

Во моментов во КУД „Стив Наумов“ работаат три ансамбли – мешан хор, женски младински хор и мандолински оркестар. Програмата за работа ја поддржуваат Министерството за култура и општина Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top