| четврток, 6 декември 2018 |

Гитаристот Јан Акерман, холандскиот музички гениј доаѓа во Скопје

Во организација на концертната агенција и продукција „3Гонга“, во четврток на 9 ноември со почеток во 22 часот во ноќниот клуб „Станица 26“ ќе настапи најпознатиот холандски и светски блуз музичар и гитарист Јан Акерман.

Овој седумдесет годишен музички гениј е добро познат на македонските фанови и досега неколку пати има настапувано на скопската сцена. Како соло артист има соработувано со други големи светски музичари меѓу кои Би Би Кинг, Чарли Брд, Кози Пауел, Клаус Огерман и Ајс Ти, а голем дел од својата кариера ја помина и како член на бендовите како „Брејнбокс“ и „Фокус“. Во своето музичко творештво од 60 години и повеќе има многу снимени албуми и настапи низ целиот свет. И се уште е неуморен и полн so енергија и отворен за нови предизвици. Витален и енергичен повеќе од кога и да е. Ова е негово петто гостување во Македонија. Но, прво скопско клупско претставување во поинтимна атмосфера.

– Клубот нуди потполно поинаква атмосфера од големите концертни сали. Мојот музички репертоар овој пат за скопјани ќе биде разновиден. Иако, најмногу песни ќе изведувам од албумот „Gitar in bed“, кој верувам моите фанови тука го знаат, а за мене е еден од најдобрите. На крајот на шоуто сакам да отсвирам и некои стари материјали како еден вид потврда дека во младешките денови сум бил многу ’откачен’ – вели Акерман.

Со него во Скопје доаѓаат уште четворица професионалци: тонскиот мајстор Нил Денолм, Папа Коен Моленар на клавијатури, Мерин ван ден Берг на тапани и Дејвид де Марез Ојенз на бас.

– Блузот секогаш беше најважната состојка за мене, страст и мотив за да создадам нешто од ништо. Тоа е нешто што не можете да го пресметате точно и кога ќе се поклопат нештата станува функционално за сите. Тоа се моментите за кои живеам. Тоа е слобода! А, границите постојат за да бидат преминати – вели Акерман.
Во рамките на неговата долгогодишна музичка кариера Акерман има настапувано на многу големи светски сцени низ Европа, Северна и Јужна Америка и Азија.

Она што е уште поголем куриозитет за овој музичар е што тој самиот ги дизајнира своите гитари, а има и редизајнирано неколку стари гитари од 70те години на минатиот век. Уште кога имал само 11 години има направено една спојка на бас и гитара, која сега се нарекува Гибсон експлорер. Жиците биле од пијано со држач од гитара. Овој пат во Скопје ќе го донесе со себе Ј.А. Персонал – инструментот, кој има форма на винил носач на звук, ама е малку поголем и со посветла боја. Направен е во Индонезија и е негов инструмент за живите настапи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top