| четврток, 6 декември 2018 |

Лаброска со моќна порака: Oставете ги Македонцитe да зборуваат на македонски јазик, безимените нека зборуваат како сакаат!

Универзитетската професорка, д-р Веселинка Лаброска, испрати реакција на изјавата на Мирослав Грчев по повод неговите негирања за македонскиот јазик и историја. Таа му предочува историски факти, но испраќа и пораки до целиот македонски народ.

Ова е нејзината порака до сите Македонци:

Ве молам, оставете ги сите Македонци да зборуваат на македонски јазик, безимените нека зборуваат како сакаат!

Едно од основните човекови права што не треба да подлежи на преиспитување во 21 век е правото на секој жител на Земјината топка да се идентификува како што сака и да зборува на јазикот на којшто сака. Но, тоа не значи дека луѓето што не си го знаат својот идентитет треба да ги навредуваат другите и да им го негираат нивното право на постоење! За жал, во медиумите има сѐ повеќе и повеќе такви „душегрижници“ коишто се гласни во својата намера да им кажат на Македонците дека не постојат!

Македонскиот јазик има своја историја, го сакал тоа некој или не! Нема овде да набројувам книги во кои пишува нешто за македонскиот јазик, не, напротив: книгите низ историјата некогаш ги пишувале и такви луѓе како тие наши денешни безимени „душегрижници“, кои пишувале секакви невистини од различни причини – за да преживеат, да им се додворуваат на властите или, едноставно, заради пари! Но, она што не може никој да го скрие и да го извртува тоа е историјата запишана во јазикот! Тоа најдобро го знаеме ние, јазичарите, не само овде во Македонија, туку насекаде по светот. Доволно е само да се погледне во нашето народно творештво, во нашите преубави приказни и песни што се пренесувале од колено на колено за да се види колку се тие единствени, оригинални и поразлични од оние на другите народи.

Патронот на мојот Институт за македонски јазик, Крсте Мисирков, тоа многу добро го знаел кога правел детални анализи на епските преданија за Крали Марко и на другото културно духовно наследство. Тоа го знаеле и истражувачите на нашето црковнословенско книжевно наследство и на нашите дијалекти, како Александар Востоков, Ватрослав Јагиќ, Ватрослав Облак, Антоан Меје и други, кои се воодушевувале од македонските специфики вткаени во страниците на старите ракописи, пишувани во нашите манастири и зачувани по целата наша територија. Впрочем, само малку да се загледаме во македонските поговорки, благослови и клетви ќе видиме колку е единствен македонскиот народ во своето гледање на работите околу себе. И на крајот, нашиот преубав македонски јазик е најаналитичкиот јазик во големото семејство на словенски народи. Зошто? Затоа што нашите предци во својата намера да се разберат со своите соседи, на мудар и едноставен начин го прилагодиле јазикот, изразувајќи ги сите „балкански значења“ со своите македонски зборови и со својот нов македонски редослед на зборовите и на изразите. Таков е македонскиот јазик: уникатен и во словенскиот и во балканскиот јазичен свет!

Каде ни е денес мудроста и едноставноста на нашите предци? Ако сакаме да се разбереме со соседите тоа е мошне едноставна работа: ние ќе ги почитуваме нив, ќе им ги цениме и јазикот и културата, ќе ги научиме нивните јазици за полесно да се разбереме, но и обратно, тие ќе нѐ почитуваат нас, ќе ни ги ценат јазикот и културата и ќе научат македонски јазик сите оние што сакаат полесно да се разберат со нас. Само така можеме да бидеме жители на оваа планета во 21 век, а не „посетители“ од некои феудални времиња кои се изгубиле и во својот идентитет и во времето и во просторот. Само тој што е свесен за своето потекло и за својот идентитет може да гради иднина, другите, се и ќе бидат само безимени „вреваџии“ кои другиот ден по нивното „развикување“ ќе ги изгори светлината на македонското сонце.

Нејзината реакција доаѓа по скандалозната изјава на Мирослав Грчев, член на Советот за култура на СДСМ и актуелен шеф шеф на владината група за уривање македонски историски споменици во Скопје за српски медиуми, дека Македонија е измислена во рамките на Јаугославија.

– Македонската држава на крајот на Втората светска војна буквално е измислена во рамките на Југославија, основана за прв пат и во неа е еманицпирана и македонската нација, и македонска култура, македонски јазик, сите македонски симболи, сите македонски уметнички достигнувања, вели Грчев.

Ваквата скандалозна изјава на Грчев доаѓа од функција на актуелен член на Советот за култура на македонското министерство, создаден од министерот Робер Алаѓозовски. Овој владин претставник отворено ја негира македонската нација и култура, изјави кои се дел од смислено сценарио за гушење на слободномислечкиот Македонец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top