| четврток, 6 декември 2018 |

Пуџдемон e подготвен да соработува со белгиските власти

Разрешениот претседател на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон денеска уште еднаш потврди дека е подготвен да соработува со белгиските власти, откако вчера шпанскиот Врховен суд издаде европски налог за негово апсење.

Пуџдемон ваквата најава ја објави на Твитер, но не посочи каде се наоѓа.

Се претпоставува дека Пуџдемон престојува во Белгија, откако по одлуката на Мадрид да го активира членот 155 од Уставот на Шпанија, со што ја укина автономијата на Каталонија и воведе директна управа над регионот, тој и членови на неговата разрешена Влада допатуваа во Брисел.

Пуџдемон уште вчера во изјава за белгиската државна телевизија РТБФ нагласи дека е подготвен да соработува со правосудните власти на Белгија, кои, според него, за разлика од шпанските, не се политизирани.

– Нема да бегам од правдата. Ќе отидам пред судските власти, но вистинските судски власти. Му реков на мојот адвокат да ги извести белгиските правосудните власти дека сум целосно подготвен да соработувам со нив, изјави Пуџдемон.

Белгиските власти синоќа потврдија дека од Шпанија го примиле налогот за апсење на Пуџдемон и на четворица членови на неговата разрешена Влада, кои во четвртокот на се појавија на закажаното сослушување пред шпанскиот Врховен суд поради обвинијата за бунт, поттикнување на бунт и злоупотреба на јавни фондови.

– Ќе го разгледаме налогот и ќе го дадеме на истражен судија утре или задутре, изјави синоќа белгискиот федерален судија Ерик ван дер Сипт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top